Градежниот факултет и неговиот декан, професорот Горан Mарковски, немаат добиено никакви информации врз основа на што мостот „Беласица“ е ставен во делумна употреба.
Марковски вели дека заради тоа што нема подетални информации, не може да даде прецизна изјава дали мостот е безбеден за сообраќај или не.
– Во однос на мостот „Беласица“ и безбедноста за негово користење, имам излезено со многу изјави. Сметам дека мојот став во однос на потребата од продлабочени и пообемни испитувања за утврдување на неговата состојба е наполно јасна.
Ниту јас, ниту Градежниот факултет имаме информации врз основа на што е донесена одлука за негово пуштање, односно негово делумно пуштање во употреба“, рече Марковски, прашан за состојбата на мостот, на денешната конференција по повод 20. Меѓународен симпозиум на Друштвото на градежни конструктори на Македонија насловен „Отпорни конструкции“.
Инаку, мостот „Беласица“, во мај годинава, гореше, односно се запалија цевките кои вршат пренос на топлинска енергија под него, а конструкцијата на мостот беше изложена на висока тепмература подолго време. Веднаш по гасењето на пожарот, мостот беше вон употреба, а неколку месеци се вршеа испитувања за да се открие дали има оштетувања, кои може да наштетат на статиката на мостот.