Таеквондистот од Бутел, Дејан Георгиевски, или како што го нарекуваат – Сребреното момче, кое лани на свои 22 години стана олимписки вицешампион во таеквондо во категоријата до 80 килограми и на Македонија и го донесе првиот олимписки медал по пауза од 21 година, на годинашната манифестација ,,Златна бубамара” беше награден во категоријата Спортист на годината.
Скромното момче на сцената излезе додека во позадина настапуваа момците од ,,Некст тајм,, и го развеа шалот на кој пишува Македонија, а неговото појавување на сцената беше едно од највпечатливите на манифестацијата.
Публиката го дочека со стоечки аплаузи и атмосфера од која минуваат морници.
За наградата, но и за чувството додека стоеше на бината пред која публиката му се поклони, за ,,Фокус” вели дека е нешто кое не може да се опише со зборови.
-Тоа беше нешто посебно… кога излегов на бината и ги видов сите тие луѓе присутни во салата, како на нозе ми аплаудираат, срцето ми беше преполно!
Таа енергија и поддршка од народот, тоа е моја преголема мотивација да вежбам уште повеќе за во иднина да ја радувам цела Македонија – раскажува Георгиевски.
Околу тоа дали имал трема кога излегол пред публиката која го поздрави како голем херој, вели дека тоа е веќе зад него.
-Имав мала доза на трема, но тоа е зад мене и немам веќе проблем. Имав во минатото поголеми настани и излегување пред голема публика, вели Дејан.
Околу наградата, појаснува дека му е една од омилените.
-Секоја награда си има посебно значење, но оваа ми е една од омилените, бидејќи ова е најголем настан во нашата држава кој постои 25 години, и навистина многу ми значи што добив Бубамара – ни изјави спортистот.
Вики Клинчарова