Да беа нашите политичари поети, сигурно ќе даваа понекогаш изјави во стихови со рими. Но, бидејќи сепак тие не се поети, ни останува само да замислиме како би ги објасниле пред јавноста своите (не)дела во периодот од изминатата недела.
*Во секоја од строфите има линкови за сериозната вест од која се инспирирани стиховите.
Димитар КОВАЧЕВСКИ топ инфлуенсер
Со мерките за нула посто ДДВ постигнавме пониски цени за храна,
а место датум од ЕУ дојде „волја“, тоа е шо е, да не бараме маана!
Ама, еве и баш убава вест: Владата на фејсбук има 100.000 фанови,
е па после тој мега-успех, може да поработиме и на други планови!
Данела АРСОВСКА рок-ѕвезда
Немам поим кој на Шилегов му го запалил „аудито“, и не ми е гајле,
низ Скопјево некој пали контејнери секоја вечер, и горат до сабајле!
Но, тоа не е темата најбитна, поважно е што на Владата ѝ дадов рок,
седум дена за решение за струја за општините, или да очекува шок!
Оливер СПАСОВСКИ моден гуру
Чувте ли за Миле Јанакиески, доби условна за набавката на автобуси,
океј е, ама зарем не ви се чини дека правдата остана со ракави куси?
А пак на темата „ракави“, МВР купи 10.000 кошули со ракави кратки,
од сега униформите ќе се двојазични, и на Артан ќе му бидат слатки!
Целата рубрика, каде со „нивни“ стихови се застапени уште и Зоран Заев, Христијан Мицкоски, Стево Пендаровски и Славјанка Петровска е објавена во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.