Дебело имотно досие на Стевче Јакимовски

by Fokus

Старо-новиот градоначалник на скопската општина Карпош, Стевче Јакимовски од редовите на ГРОМ има доставено анкетен лист до Антикорупциска комсија, но се уште не е официјално поставен на нивната веб страница, поточно се уште не е јавно достапен.

„Фокус“ го обезбеди неговиот анкетен лист согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, каде може да се забележи дебело имотно досие на актуелниот градоначалник, кој официјално стапи на функција на 4 ноември, годинава.

На неколкуте страници во анкетниот лист, Јакимовски образложил дека поседува семејна куќа од 320 метри во Скопје во вредност од речиси 179 илјади евра. Исто така, актуелниот градоначалник поседува и земјиште од 80 метри квадратни, кое го купил пред четири години, во 2017 година.

Притоа, во анкетниот лист, тој пријавил два автомобили, од кои едниот е „фолсваген фито“, кој што го купил во 2017 година за 10.000 евра, а истата година купил и БМВ Х5 прозведено во 2009 година во вредност од 18.700 евра.

Тој пријавил и две фирми, од кои едната е „Кит Консалтинг“, каде според податоците од Централниот регистар, тој се води како еден од сопствениците, заедно со извесна Мимоза Клековска. Компанијата е основана во 1999 година со паричен влог од 300.000 денари. Втората фирма, која Јакимовски ја навел во анкетниот лист е „Сити Конвертер“, основана три години подоцна, во 2012 година. Таму се наведени тројца сопственици, меѓу кои може да се најде името на Елизабета Јакимовска, најверојатно сопруга на првиот човек на скопски Карпош.

ФИРМИ, БАНКАРСКИ ДЕПОЗИТИ, НАКИТ, САНКА ЗА СНЕГ…

Но, тука не се „затвора“ анкетниот лист на Јакимовски. Има банкарски депозити, од кои штеден влог во штедилница Можности од околу 1.300 евра, потоа тој како личен доход пријавил сума од 618 евра и заштеда од 9.800 евра, додека пак на сопругата има пријавено личен доход од 1.138 евра. Исто така, на сопругата има пријавено дивиденда од акции од 32.530 евра. Додека пак, на име на деца има пријавено заштеда од 1.900 евра.

Освен тоа, во 2005 и 2014 година тој има дадено заеми во вредност од 6.600 евра. Сепак, во анкетниот лист Јакимовски го пријавил и имотот на неговите родители, кои имаат насади со малина на површина од 5.000 метри квадратни во вредност од 8.000 евра. Како друг имот, првиот човек на Карпош има пријавено камп приколка, накит и санка за снег.

Во претходниот мандат на Јакимовски во општината се случуваше градежна инвазија и ја тресеа низа скандали, како преголема задолженост, судски спорови со советници, бркање новинари од седници, задолжително присуство на администрацијата на контрапротести…

Во тој период, жителите на Карпош во неколку наврати се кренаа и на протести против Јакимовски, барајќи од него да прекине да ги менува деталните урбанистички планови, да ги уништува зелените површини и детски игралишта и на нивно место да се издигаат бетонски столбови со неколку илјада нови станови.

Но, за четири години подоцна, тоа се заборави и тој пак стана градоначалник, но овојпат со поддршка од гласовите на ВМРО-ДПМНЕ.

На првиот работен ден , старо-новиот градоначалник наместо на градоначалничката фотеља, седна на обвинителна клупа во Кривичниот суд како обвинет за злоупотреба на службената положба и овластување за време на стариот градоначалнички мандат.

Според обвинението против Јакимовски, станува збор за незаконската легализација на објекти, меѓу кои и за просторот кај поранешниот ресторан „Имес“, и градењето на административната зграда на Општина Карпош.

Ирена МУЛАЧКА

 

 

 

 

 

 

Поврзани новости