Дебатирање или уличарско етикетирање

by Fokus

Сѐ додека не разбереме дека постои граница во меѓусебната комуникација, која, ако се премине, го прави простак и невоспитан тој што навредува и сѐ додека таквото однесување не добие општествен прекор, ние нема да мрднеме ниту чекор напред од калта во која се наоѓаме

 Пишува Звонко ДАВИДОВИЌ

 Војната во Украина ја избриша короната од листата на најважни дневни настани, онака како што тоа секоја војна знае да го направи, и стана најважна вест и настан околу кој се кршат копјата на одобрување и неодобрување, стана предмет на анализи, дебати, предвидувања, филозофирања и надмудрувања.

Но, најмногу од сѐ оваа тема, впрочем како и сите други теми што се предмет на јавниот интерес, стана причина и повод за меѓусебно плукање, навредување, заканување и омаловажување на социјалните мрежи.

Секој настан, вест, мислење, предмет на јавен интерес доживува иста судбина, станувајќи причина и предмет за меѓусебно препукување и навредување.

ПРИМИТИВНИ ПРЕПУКУВАЊА

Ваквите примитивни препукувања обично почнуваат со искажување на мислење на социјалните мрежи  за определен настан и веднаш следува спротивставено мислење зачинето со лична навреда или етикетирање, на кое следи одговор со одговор на навредата, па одговор на одговорот… па вклучување уште „плукачи“ од едната или од другата страна.

Интересно е што ваквите вербални препукувања и навредувања, кои никако не можат да бидат и не се ниту дискусија, ниту дебата, завршуваат со лични навреди, кои немаат никаква врска со темата и ниту една од страните инволвирани во ваквата простачка и невоспитана комуникација не употребува аргументи за да го поткрепи своето мислење или да го оспори мислењето на другиот.

Ваквиот феномен, кој има сериозни психијатриски и психолошки корени во личноста на поголемиот дел на ваквите квази дискутанти, покажува, не само какво е домашното воспитување, туку и каков е демократскиот капацитет на луѓето.

МАКЕДОНЦИТЕ СЕ НЕТОЛЕРАНТНИ

Македонците се нетолерантни кон секое мислење или став кои се различни од нивното, а спротивставувањето на истиот е најчесто неаргументирано и некултурно, зачинето со лични навреди и дисквалификации, а најчесто ваквата комуникација завршува со закани или со клетви.

Нормално е околу една  тема од интерес на јавноста да се дискутира и дебатира, и треба да се дебатира затоа што спротивставувањето на мислењата и ставовите базирани на факти води кон напредок. Но, таквото спротивставување на мислења има неколку правила на добро однесување, кои ако не ги запазите, дебатата или дискусијата преминува во уличарско, простачко и невоспитано однесување.

Дебата или дебатирање, според некои автори, претставува формален натпревар во расудувањето, спретноста и реторичката вештина, а акцентот е ставен на брзото расудување, логичката аргументација  и анализа, како и на реториката и моќта на убедување.

Дебатата според други е формален метод на интерактивно и репрезентативно аргументирање и ја опфаќа во себе и логичката аргументација и реториката како техника на убедување. Дискусија е спор или дебата воспоставена меѓу две или повеќе лица за размена на мислења и гледишта околу определени прашања.

НЕМА РАЗЛИКА МЕЃУ ФАКТ И МИСЛЕЊЕ

Постојат повеќе проблеми во јавното дискутирање , а еден од клучните проблеми е бришење на разликата помеѓу факт и мислење. На социјалните мрежи, каде што секој може да се вклучи, тоа е масовна појава, фактите не се  користат воопшто или се користат минимално или само како поткрепа на личното, најчесто субјективно мислење. Иако во помал обем, слично е и кај телевизиските дебати, и покрај тоа што таму учествува новинарската, политичката и експертската елита, правење разлика меѓу фактите и мислењата, исто така е проблем.

Покрај неаргументирањето и некористењето факти, уште поголем проблем е примитивизмот, простаклукот, невоспитаноста и недоличниот јазик, како и личните навреди, етикетирања, дисквалификации и употреба на лаги или полувистини за нечиј приватен живот.

За жал, ова е масовна појава, не само меѓу луѓето на социјалните мрежи, туку и меѓу еден дел од експертите и интелектуалците. Примери за такво нешто имаме многу, доволно е да погледнете на социјалните мрежи или во коментарите на дебатните емисии, како и да прочитате дел од печатените медиуми.

Така еден бивш амбасадор, со навистина простачки речник во квази дебата го извреѓа својот соговорник, бивш министер во неколку ресори, со уште полош уличарски речник го навредуваше својот опонент додека бивш градоначалник ваквото однесување го прифати како свој стил. И она што најмногу изненадува е одобрувањето на дел од народот за ваквото однесување, што само го отсликува менталното и културното ниво на истите.

Сѐ додека не разбереме дека постои граница во меѓусебната комуникација, која, ако се премине, го прави простак и невоспитан тој што навредува и сѐ додека таквото однесување не добие општествен прекор, ние нема да мрднеме ниту чекор напред од калта во која се наоѓаме.

 

Поврзани новости