Вештачката интелигенција не е далечна, туку наша реалност. Земјава многу малку има направено на оваа тема. За разлика од нашите соседи, нашата држава се уште нема ниту регулатива, ниту законодавство, ниту етички стандарди за вештачка интелигенција. Ова се дел од заклучоците кои беа кажани на денашната дискусија „Дигитална трансформација и вештачка интелигенција – предизвици и можности“, во организација на Фондацијата Конрад Аденауер.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски истакна дека постои реален ризик од неконтролирана употреба на вештачка интелигенција без соодветна регулатива што може да доведе до сериозни последици вклучувајќи и загуба на работни места, предрасуди или дискриминирачки практики.
-Со жалење морам да констатирам дека во изминатиот период многу малку е направено на оваа тема. И покрај формирањето на работна група за Национална стратегија за вештачка интелигенција во 2021 година, досега е одржан само еден состанок. Ова е загрижувачки и укажува на потребата од итно динамизирање на овие процеси. За разлика од нашите соседи, нашата држава се уште нема ниту регулатива, ниту законодавство, ниту етички стандарди за вештачка интелигенција. Постои реален ризик од неконтролирана употреба на вештачка интелигенција без соодветна регулатива што може да доведе до сериозни последици вклучувајќи и загуба на работни места, предрасуди или дискриминирачки практики. Меѓутоа, оваа ситуација не треба да се сфати како причина за обесхрабрување, туку како повик за акција, рече тој.
Како што нагласи министерот, сите досегашни активности на националните и меѓународните експерти укажуваат дека правниот систем што ќе ја регулира вештачката интелигенција во иднина мора да биде дел од глобалниот правен механизам кој ги регулира дигиталните технологии воопшто и мора да вклучува кохерентен сет на обврзувачки и необврзувачки правила кои ќе го регулира на фер, морален и етички начин секојдневното користење на вештачката интелигенција во различни области од животот и работата на луѓето.