Децидно ја разгледував програмата на ВМРО-ДПМНЕ и за жал не можам да видам некој конкретен проект со конкретна локација или буџет, рече кандидатот за градоначалник на Битола од СДСМ Христо Кондовски во дебатно соочување на Телма со противкандидатот од ВМРО-ДПМНЕ, Тони Коњановски.
-Ме нервира настапот дека ќе ги слушаме граѓаните. Небаре овде се работи за кол-центар. Ние треба да дојдеме со готова програма и да ја спроведуваме. Како досегашен политичар кој заедно со вашата фамилија 20 години сте на политичката сцена немате смелост пред битолчани да кажете конкретни рокови, дури се правдате дека тие рокови не се реални и повторно не кажувате ваши рокови. Тврдам дека во рок од 90 дена ќе дадам одговор на битолчани за нивните барања за одобренија за градба и за легализации – рече Кондовски.
Коњановски, пак, истакна дека неговата програма е направена според принципот на компетентност, отчетност, одговорност, но и точна финансиска конструкција изготвена со група на експерти. Клучните проекти, додаде тој, се локалниот економски развој или привлекување на инвестиции.
-Ако ја споредите програмата од 2017-та година „План за живот за Битола“ која нудеше живот за сите, и во оваа програма на СДСМ ги наоѓате истите проекти пресликани како што велиме во нова корица, или нова обланда, иста опција но со нов лик. Сега го имаме Кондовски, а пред тоа беше друг лик. Значи сите проекти кои што се ветуваат сега од гасификацијата, од нереализирани проекти од инфраструктурата, сето тоа е нула реализација досега – нагласи Коњановски.