И додека најголем дел од скопските општини се соочуваат со огромни проблеми поради зголемувањето на бројот на заразени од корона вирусот, Општина Дебар веќе 45 дена нема регистрирано нови случаи на опасната зараза.
Оваа општина на почетокот на пандемијата беше жариште на ширење на вирусот, но локалните власти на чело со градоначалникот Хекуран Дука успеаја да ја стават ситуацијата под контрола.
Дука во разговор за „Фокус“ говореше за тоа како неговата општина успеала да се справи со заразата.
„Општа констатација е дека во Општина Дебар долго време нема новозаразени од корона вирусот. Во нашата општина околу еден месец не се земени брисеви на случајните лица, туку на оние кои се сомнителни за корона вирус. После поминат прв бран на вирусот, редно е да се направи ПЦР тестирање на населението во Дебар, за да се детектираат евентуалните носители или заболени лица. Според мене треба да ги има, затоа што со ублажување на мерките, движењето на граѓаните од други ризични градови допринело за повторно ширење на вирусот“, вели Дука.
Како што ни истакна тој, на почетокот на наредната седмица, во неговата општина ќе се направат околу 60 ПЦР тестирања на вработени во предшколските институции. Дука додава дека со тоа ќе се има појасна слика за епидемиолошката ситуација во Дебар.
Исто така, тој додаде дека треба да се направат по 5 до 10 ПЦР тестови на случајните лица и според него тоа ќе биде најдобра метода за контрола на ситуацијата.
Во изминатиот период нашата земја беше сведок на коректното однесување на жителите на Дебар, кои максимално ги почитуваа мерките и го ставија вирусот во „тесно“.
И првиот човек на општината има само пофални зборови за неговите сограѓани, како што ги нарече, цивилизирани луѓе кои брзо ја сфатиле сериозноста на вирусот.
„Проблемот се појавува кога препораките треба да се спроведат на терен. Ние се потрудивме максимално, а нашите жители покажаа дека се цивилизирани луѓе и сфатија за што станува збор. Се придржуваа кон препораките, занаетчиите самоиницијативно ги затворија дуќаните, се затворија и сите продавници, хотели, ресторани, освен маркетите и аптеките. Сите актери на општинскиот штаб беа на ниво и одлично ја вршеа задачата. Немавме магично стапче, но, имавме меѓусебна доверба. Бевме едно тело со граѓаните против заеднички непријател“, истакна градоначалникот на оваа општина.
На почетокот на 30-дневниот карантин во кој беа Општина Дебар и Центар Жупа, имало проблеми, што, Дука вели дека тоа било очекувано.
„Голем проблем беше со затекнатите лица од другите градови па и држави во нашата општина. Не смееја да го напуштат Дебар, затоа што постоеше опасност да ја пренесат заразата во нивните предели. Секој ден имаше спорадични незадоволства, а дебарчани воочија дека здравјето е поважно. Првите денови од карантинот имаше доза на колективен страв, но, никогаш немаше паника и неконтролирано однесување“, додаде тој.
И кога Северна Македонија се надеваше дека на крајот на мај вирусот ќе ослабне, за жал такво нешто не се случи и бројките од последните неколку дена делуваат вознемирувачки.
„Можеби и во Дебар ќе има втор бран на епидемијата. Ние во Дебар не ја победивме епидемијата со колективна природна имунизација, туку со дисциплина и изолација, носење на заштитна опрема, физичка дистанца и дезинфекција. Од над 2.500 граѓани во нашата општина, само 35 лица стекнале природен имунитет на корона вирусот и тие беа познати заболени лица. Ние би требало да имаме и втор бран, кој се очекува да биде послаб од првиот“, анализира Дука.
Чаир, Бутел, Гази Баба и Сарај се дел од општините во кои има најголем број на заразени од Ковид-19. Кога најголем дел од граѓаните веруваа дека токму тие општини ќе бидат ставени во изолација со полициски час, надлежните органи решија истиот да почне вчеравечер од 21 часот, на целата територија на Скопје. Тој ќе трае до понеделник до 5 часот утрото.
„Ако некој мислел дека ситуацијата не може да ја контролира со постоечките капацитети, најдобро решение е да се бара карантин за одредено ризично подрачје. Вирусот се шири многу брзо, часови се во прашање, а не денови. Тој не чека долги седници, договори и преговори. Кон него мора да се делува итно и без многу формалности. Карантинот ти овозможува да имаш „чиста сметка“ и за брзо време можеш ситуацијата да ја ставиш под контрола“, потенцира првиот човек на Дебар.
За крај на разговорот, Хекуран Дука испрати порака и до оние кои се уште не веруваат дека вирусот постои и е толку смртоносен.
„Да знаете дека вирусот убива луѓе, без разлика дали си стар или млад. Верувајте само на стручните лица, а не на секакви портали и квази-научници. Апелирам граѓаните да ги почитуваат препораките максимално, да бидат трпеливи и да се прилагодат во новонастанатата ситуација. Знаеме дека ќе има загуби во економијата, но таа пак ќе се опорави, додека загубеното здравје нема никогаш да се врати. Ако некој оваа болест ја поминал лесно, кај друг може да биде фатална. Ние уште не знаеме со 100 отсто сигурност со кого си имаме работа. Чувајте се и бидете разумни“, го заврши разговорот Дука.
Дел од фотографиите се преземени од официјалната фан-страна на Фејсбук на Општина Дебар
Јорданчо Цветаноски