ДЕБАКЛ

by Fokus

Сумирано, СДСМ доби црвен картон. Што и да се случи во вториот круг, макар и на мускули да избилдаат подобар резултат, веќе е доцна. Возот тргна надолу, а расположението е очигледно опозициско

Пишува Јанаки МИТРОВСКИ

На штотуку одржаните локални избори, прв круг, владеjачкиот СДСМ доживеа дебакл. Наспроти предизборните предвидувани дваесет и двајца наспрема шест избрани градоначалници, се случи спротивното – дваесет и двајца наспроти девет за опозицијата. ВМРО во првиот круг освои пет градоначалници од скопските општини, а СДСМ ниту еден.

Ваквиот слаб резултат, можеби и најслаб во историјата на СДСМ, изненади многумина, па и мене. Очекував потесна борба, бидејќи колку и да ликуваат во ДПМНЕ, и самите тие имаат слаб резултат, под триста илјади гласови, но затоа, пак, гласовите на СДСМ во одредени општини се и преполовени. А, тоа, секако, дека не може да биде случајно.

ЗАБЕГУВАЊЕ

Повеќепати сум говорел дека кај нас партиите на власт забегуваат во третата година. Првите две ѓоамити го слушаат народот, крадат, ама со усул, покренуваат демек пријави против поранешните властодршци. Третата година крадениот кеш се наталожува, ушите наглувуваат, а моќта корумпира. Истото се случи со Никола Груевски, истото сега го гледаме и со Зоран Заев.

„СДСМ ја сфати пораката и ќе се коригираме“, восклисна Заев и побара шанса со чист образ. Ова не е ништо повеќе од потценување на граѓаните. Премиерот заборава дека оваа политичка финта „ја сфативме пораката“, која прв ја употреби Бранко Црвенковски во деведесет и деветтата, може да помине само еднаш. А, премиерот веќе ја употреби меѓу двата круга од претседателските избори, кога тврдеше дека метла ќе игра.

Метлата веднаш по вториот круг се скрши, па Заев не замете никој од сопствениот двор. Две години подоцна стана и видно поарогантен, со неколкукратна гестикулација на мало сутра за граѓаните, што не личи за кој било сериозен политичар, а камоли за премиер на државата. Дополнително, картонот што го добија не е жолт, како што смета премиерот, туку црвен, само тој тоа не може, или попрецизно кажано, не сака да го разбере.

Колегата Шилегов, полн со себеси каков што го дал Господ, пак, не сака да разбере дека не би било лошо и да поработи на својот однос. Далеку е Шилегов од најлош градоначалник, но кафеанското однесување му гризе добар процент од рејтингот. Едноставно не е прифатливо на човек кој ви пришол да ви се пожали дека нема земено три месеци плата, вашиот одговор да биде, никогаш повеќе да не ме гласаш. И потоа види чудо не го гласал.

КОМПЛЕКСАШОТ

Воедно, Петре се опкружи со лоши луѓе, пред сè, тука мислам на комплексашот Никса, кој се претставува како шеф на кабинет, иако таква функција не постои. Човек кој не се воздржува да се кара со секој и секого по социјалните мрежи, несвесен за функцијата што ја извршува. Човекот кој нарачува текстови од рекет „новинари“ како Саше Политико против неистомисленици, а кои Советот за етика при медиуми ги оцени како политички нарачани и човек кој се дрзна да плука по великан како Горан Стефановски, иако не му е ни до колена. Па, како велат граѓаните, ским си, такав си.

Веќе три дена го нема Петрит Сарачини да нè обвинува дека сите што не се согласуваме со СДСМ, мора да сме или ВМРО или Левица, веројатно е зафатен да анализира и акумулира. Во меѓувреме, од ДПМНЕ се пресреќни, иако не мрднаа ни глас нагоре, но кога па тоа било важно за нашите политичари, нив ги интересира гола власт и ништо повеќе.

Левица има евидентен раст, при што не држи ставот дека настапиле само во четириесетина општини. Да сметале или имале инфраструктура за да настапат и во останатите, ништо не ги спречувало да го сторат тоа. Сепак, педесетина илјади граѓани се сосема солиден резултат, иако факт е дека партијата отворено флертува со популизам, па делумно и со национализам како најлесен рецепт за брзи гласови.

Сумирано, СДСМ доби црвен картон. Што и да се случи во вториот круг, макар и на мускули да избилдаат подобар резултат, веќе е доцна. Возот тргна надолу, а расположението е очигледно опозициско. Заев го отпиша Максим, иако со своето тело му го бранеше животот во Собранието, го избрка инспектор Стојко само поради тоа што сакал да работи законски, ги прибра сите отпадоци од ВМРО и беше сервилен кон ДУИ.

Нашите т.н. големи партии можат да ликуваат колку сакаат, но излезноста е под педесет проценти, што во превод значи дека гласале хардкор-поддржувачите. Светла точка се независните листи, пред сè, девојките од Карпош, кои влегоа во Советот да им ја поматат водата на лоповите.

Поврзани новости