Белгискиот премиер, Александар Де Кро, пред почетокот на лидерскиот самит на ЕУ изјави дека треба да се има слух за земјите кои имаат прашања за ембаргото врз руската нафта.
-Некои земји имаат прашања…. Чешка, Унгарија, треба да се најде решение за нивните прашања, мислам дека е изводливо, имаме до крајот на годината да се осамостоиме од руската нафта, но кога ја носиме оваа мерка мора да бидеме сигурни дека цените нема да се зголемат и дека населението нема да страда, изјави премиерот на Белгија, Александер Де Кро.
Шефовите на држави и влади вечерва ќе разговараат за предложеното ембарго врз нафтата, Де Кро порача дека некои земји ќе треба да вложат поголем напор, меѓу нив се и Белгија и Холандија, за кои руската нафта претставува една третина. Белгискиот премиер инсистираше на тоа дека мора да се сочува и европското единство, но дека ембаргото, доколку се донесе, мора да биде целосно, а не да се однесува само на една половина од континентот.
Земјите од источна Европа кои се повеќе зависни од руската нафта бараат изземање или подолги рокови за ослободување од Русија.
Посебно се погодени земјите без излез на море како Унгарија, Словачка и Чешка. Тие бараат помош и солидарност од другите земји на ЕУ за да не се најдат во ситуација да немаат доволно нафта доколку воведат ембарго.
На маса е опција да се изземе нафтата која пристигнува преку нафтовод, ова е една од темите за кои ќе разговараат лидерите денеска. Унгарскиот премиер исто така побара, во случај на оштетување на нафтоводот кој ја снабдува неговата земја и поминува низ Украина, да може повторно да добива руска нафта.
Во секој случај, според предлогот на Европската Комисија, земјите на ЕУ имаат до крајот на оваа година да го спроведат ембаргото врз нафтата од Русија.