Де јуре и де факто, врзани сме на јаженце кратко  

by Fokus

Странците се прецизни и бараат исполнување до последна буква, а Бугарите се превртливи, ненасити, без мерка и граници, па нивните барања од кои зависиме ќе бидат бескрајни

 

ПИШУВА Звонко ДАВИДОВИЌ

 

 

И понатаму не стивнуваат полемиките, коментарите и караниците околу пристапните процеси во ЕУ, францускиот предлог и бугарското уценување.

И повторно, како и за се останато, ставовите и мислењата се дијаметрално спротивни, со навреди и етикетирање на оној другиот кој не мисли исто, а заедничка им е само “љубовта” кон Македонија и “патриотизмот”.

За едните, оние од власта и нивните сателити, ова е голем успех и голем чекор на патот кон ЕУ. Еден од челниците на самозадоволните и самобендисаните, познат по своите невистинити изјави и спинувања, дури јавно изјави дека во Брисел де факто и де јуре сме ги започнале преговорите.

Претставниците на ЕУ ја демантираа оваа негова изјава објаснувајќи дека Европската унија јасно посочи дека ја започнала фазата на отворање на пристапните преговори со Македонија, а ги отворила пристапните преговори со Албанија, што е битна разлика.

Затоа што ова значи дека Македонија нема да ги почне преговорите се додека не го смени Уставот и ги вметне Бугарите во него, читај меѓу редови, и се додека не постапи по еден куп обврски превземени со Договорот за добрососедство и Протоколот.

ПОЗЕРСТВО И ПОВРШНОСТ

И покрај тоа, истиот лик и понатаму ја повторува својата изјава сакајќи да покаже дека е тој во право, дека подобро од ЕУ знае што таа самата започнала и дека е тоа голем успех за кој народот треба да е благодарен нему и на политичката партија која е заслужна за ова.

Другата пак политичка клика, која во мигов е во опозиција, тврди дека во Брисел имало само фото сесија и ништо повеќе од тоа, покажувајќи ја својата површност, некомпетентност и неодговорност како опозиција и политички фактор кој е подеднакво одговорен за иднината на државата.

Таа фотосесија, како што ја нарекуваат едните, во суштина значи превземање на обврски за исполнување на се она што го содржи францускиот предлог и бугарските барања.

Отпочнати преговорите или не, присуството на цела толпа на македонски  министри придружувани од новинари значи согласност за превземање и исполнување на се она што се бара од нас.

Ваквата ноншалантност, позерството, лажливоста, површноста, неодговорноста, затварањето на очите пред вистината, комбинирани со самобендисаноста, елитизмот и корумпираноста се одлики на нашите политичари во 21 век.

Итарпејовското размислување на власта и на опозицијата, едните сметаат дека кога ќе седнат на преговарачка маса ќе ги “превеслаат” и “прелажат” Бугарите, а другите дека кога ќе дојдат на власт сето тоа ќе го поништат, е смешна и детска работа, која покажува колку ум имаат и со што размислуваат.

ПОЛИТИЧАРИ СО ОПАШКИ

Ниту едните ниту другите нема да успеат во својата итроштина заради неколку работи. Прво, еднаш превземените обврски во меѓународните односи мора да се исполнат, инаку ќе стапат на сцена сите можни облици на меѓународен суптилен, па и брутален притисок, кој ќе не натера да го исполниме ветеното и превземеното. Сетете се на Грција пред неколку години и многу други примери.

Второ, странците се прецизни и бараат исполнување до последна буква, а Бугарите се превртливи, ненасити, без мерка и граници, па нивните барања од кои зависиме ќе бидат бескрајни.

Трето, секој од сегашните политичари и оние во доаѓање, имаат опашки и багаж од минатото или сегашноста со која странците се добро запознаени, што претставува добра основа за притисок и дисциплинирање на оние од власта да играат како им се свири.

Токму затоа власта мора да прифати се што ќе и се фрли како коска на куче и што ќе се побара од неа, единствено може да се обиде да манипулира со домашната јавност, а опозицијата е млака, тивка и недоследна во својата опозиционерска патриотска улога, одвај дава знаци на живот.

Со еден збор, во стилот на ликот спомнат погоре, де јуре и де факто не држат на јаженце кратко.

Можеби најдобро сегашната состојба ја опишуваат стиховите на песната Наши денови на Владислав Петковиќ Дис, со која и ќе ја завршам колумната цитирајќи неколку стиха:

Сите подмолни, сите клети, сите мали станаа наши суверени. Покрадени се сите храмови, исмеани се сите доблести и чесноста, понижени се сите гробови и животи. Мрачни души се нарекоа патриоти…”

 

Поврзани новости