Градот Белград добил анонимна електронска пошта дека се поставени бомби во градското собрание на Белград и во општините Земун, Нов Белград, Чукарица и Палилула, објави заменик градоначалникот Горан Весиќ.
Тој на Фејсбук напиша дека полицијата ги блокирала сите згради и дека вработените се евакуирани. Тој додаде дека полицијата ќе изврши контрадиверзантски увид.
Во Ниш поради анонимни дојави за бомби денеска се евакуирани Медицинскиот факултет, аеродромот и трговскиот центар „Делта планет“.
„Во тек е контрадиверзивен увид на објектите“, соопшти нишката полиција.
Оттаму додаваат дека анонимната пријава пристигнала околу 13.30 часот и дека објектите се евакуирани.
Претходните недели имаше неколку анонимни пријави за бомби во различни објекти и институции низ градовите во Србија, а полицијата по увидот утврди дека сите се лажни.