Дамјан Давков, младото момче познато помеѓу своите сограѓани како штипскиот Питагора е добитник на наградата ,,Осми Ноември”, која општината ја доделува секои пет години.
Комисијата за култура и 23 советници биле едногласни 13-годишниот математичар да ја добие наградата.
Исто така, доделени се и признанија ,,Осми Ноември” и тоа три постхумни на новинарите Горан Гаврилов, Трајче Јованов и Драган Ристов.
Признанија се доделени и на Кристина Ампева од ,,Гласен текстилец – Штип” и Планинарското друштво ,,Лисец”.
Штипјани со одобрување и поддршка ја дочекаа одлуката токму математичкиот талент Давков да биде добитник на наградата.
Неговиот случај ја брануваше јавноста кога на државен натпревар по математика ги победи средношколците, но остана без парична награда. Мајката на Дамјан го објави решението потпишано од министерката Мила Царовска, во кое се известуваат дека барањето за доделување на парична награда за освоено прво место на натпреварот се одбива, иако му било дозволено да се натпреварува со повозрасни од него.
Тогаш Царовска за ,,Фокус” кратко порача дека таков е законот, бидејќи бил ученик во основно, а не во средно училиште, со што уште повеќе ја разгневи јавноста и целиот образовен систем се најде на мета на критики, барајќи во конкретниот случај да се покаже дека државата сепак ги вреднува талентираните ученици, наместо да ги демотивира.
По повод настанот тогаш се огласија и од Општина Штип и соопштија дека Дамјан ќе добие еднократна парична награда од 15.000 денари од страна на општината, и признание за почесен граѓанин, со цел да се покаже дека се цени трудот и постигнатиот успех на момчето.
Вики Клинчарова