Давитковски за „Фокус“: Им се продолжува мандатот на оние кои го донесоа судството до ова дереџе!

Јас верувам дека за неколку месеци и 95 отсто од граѓаните нема да имаа доверба во судството и обвинителството, вели Давитковски за „Фокус“.

by fokus

Овие измени значат дека перцепцијата на граѓаните дека 92 отсто немаат доверба во судството треба да се потврди и постоечките судии и обвинители треба да продолжат да работат.

Вака универзитетскиот професор Борче Давитковски ги коментира предлог-измените на Законот за работни односи со кои ќе им се продолжи работниот век на 60 судии и 13 обвинители за дополнителни три години и наместо да заминат во пензија, ќе продолжат да работат.

Во нашава држава се преку лех специјалчиња, мали закончиња ја оправаме државата. Наместо преку Закон за судови и другите круцијални закони. За жал, се преку капиџици ние ја регулираме правoсудната сфера и затоа ситуацијата е ваква каква што е. Јас верувам дека за неколку месеци и 95 отсто од граѓаните нема да имаа доверба во судството и обвинителството, вели Давитковски за „Фокус“.

Тој додава дека со овие измени всушност се наградуваат оние кои допринесоа 92 отсто од граѓаните да не веруваат во судството и обвинителството.

Според професорот Давитковски сосема ирелевантно е дали имаме доволно судии во моментов, бидејќи се работи за принципиелноста.

Не е битно дали има доволно судии или не, тоа е проблем на државата и на Судскиот совет. Проблемот е принципиелноста. Проблемот е дали оние што не донесоа до ова дереџе треба да останат или не. Нека се направи една анкета за 3-4 месеци перцепцијата ќе биде дека 95-98 осто ќе немаат доверба во судството и обвинителството, смета Давитковски.

Предлог измените на Законот за работните односи кои се однесуваат на продолжувањето на работниот век на 60 судии и 13 обвинители се причината поради која вчера зовре ситуацијата на седницата на Комисијата за европски прашања, па претседавачот Арбр Адеми ги гаѓаше со разни предмети пратениците од опозицијата.

Невообичаено е што предлагач за овие измени е Министерството за труд и социјална политика, а потписник е вицепремиерот Артан Груби ссо цел законот да добие европско знаменце.

К.С.Б.

Поврзани новости