Секоја власт кога е во опозиција инсистира на јавна расправа по сите закони, особено по системските закони кои регулираат многу важни прашања за државата. Но, кога ќе се дојде на власт, се продолжуваа онаа практика на скратена постапка, со европско знаменце, да се дезавиура стручната јавност, невладиниот сектор, колку само да се протуркаат некои законски решенија, рече Борче Давитковски, универзитетски професор, во вечерашната дебата во „Топ тема“ на Телма ТВ.
„Иако актуелниот состав работи по нов деловник, филибастерот е многу скратен, сепак се носат закони по скратена постапка кои што очигледно ќе биде на штета на тие закони“, вели Давитковски.
Кога се прави нова композицијата на администрацијата, продолжи Давитковски, некои сектори вештачки се префрлуваат од едно во друго министерство, луѓето остануваат, а надлежностите не се разграничија. Како примери ги наведе секторот надворешна трговија која влезе во министерството за надворешни работи и култура и туризам.
„Македонија одамна има потреба од функционална анализа за разграничување на надлежностите меѓу министерствата, бидејќи има доста поклопување. Одредени министерства имаат исти надлежности, имаат и слични органи или исти, а егзистираат. Ако некој сака да направи вистинска реформа на јавната администрација, ако се има политичка волја, тогаш ќе видиме, врз основа на овие принципи колку министерства ни требаат и колку кадар во тие министерства ќе ни треба. Ние цело време прошируваме, а не разграничуваме. На пример, на квалитетна вода се надлежни пет министерства во моментот во Македонија. Потребна е политичка волја за реформа и да направиме мала, струлна администрација за каква се залагаме во сите стратегии“, истакна Давитковски.