Адвокатот Звонко Давидовиќ коментирајќи ја ослободителната пресуда за новинарот Драган Павловиќ Латас и неговите браќа, изјави дека грешката на Специјалното јавно обвинителство е тоа што не се бавело со посериозни кривични дела.
-СЈО не требаше да се бави со вакви прдмети, не е за тоа формирано. Да се бави со викендичките на Латас, со гаќите на Ивона, или други ситни работи. Требаше редовното обвинителство да се бави со тоа, а СЈО сериозно да си ја сфати работата и да ги гони високиот криминал и високите функционери. Латас не е функционер. Во исто време градоначалникот на Охрид денеска кажа дека има куп дивоградби по кои не е постапено. Имаме чудна правна ситуација, ваква пресуда од една страна и Охрид од друга кој може да биде избришан од листата на УНЕСКО. Ова е резултат на немање судски реформи и доверба во судството – рече Давидовиќ во дебатата на „24 Анализа“.
Професорката Мирјана Најчевска пак рече дека пресудата е срамна.
-Изјавата на судијката ја слушнавме јасно и гласно, иако не можевме да ја видиме судијката. Ни објасни доколку институциите не реагирале, а е направено кривично дело, тоа кривично дело станува законско. Не знам другите зошто излегоа на улица да протестираат, јас излегов затоа што сакав да се спротивставам на неправото, односно неделувањето на институциите. Ја сменивме власта затоа што сметавме дека институциите не ја вршат својата работа, а оние што треба кривично да одговараат, сепак не одговараат. И сега некоја судијка ми вика „не можевме да го осудиме човекот затоа што институциите не реагирале“. Ова е измотавање, не прави будали сите во здрав мозок, не сум сигурна дали оваа власт треба да постои повеќе – рече Најчевска.