Одлуката на Кривичниот совет да не ја прифати жалбата на СЈО со што Сеад Кочан ќе се брани од слобода, е уште еден пример за двојните стандарди на судството, вели адвокатот Звонко Давидовиќ за Алсат М.
Законот, вели Давидовиќ, дава можност да не се определи притвор, но во конкретниов случај не се запазени околностите и правичноста.
„Прво, никогаш не се случило некој кој бил во бегство да не отиде во притвор, да му се укине мерката за притвор. Второ, подолго време ова веќе трае и беше подготвувано и луѓето кои ги следат предметите насетуваа, затоа што Апелациониот суд, точката 2 и 3 – значи влијание на сведоци или да не го повтори или доврши делото ги укина во старт и отвори можност да се даде гаранција. Врховиот суд токму тоа го направи, а Основниот суд Скопје 1, како и досега ја одигрува улогата на пречка на СЈО“, вели адвокатот Давидовиќ.
Бизмисменот Сеад Кочан кој е првоосомничен во случајот „Труст“ на Специјалното обвинителство, беше во бегство повеќе од два месеци, а за него имаше и меѓународна потерница. По одлуката на Врховен суд да го врати предметот на повторно одлучување, Кочан веднаш се врати во Македонија и „ја купи“ слободата со гаранција од безмалку еден милион евра и обврска еднаш неделно да се јавува во суд. Според Давидовиќ, оправдан е сомнежот на СЈО дека осомничениот може да избега или да го повтори делото, во услови кога фирмата „Трансмет“ се уште добива државни тендери.
„Многу е лесно да земете 20 милиони евра и да дадете два милиони евра како гаранција. Она што е сомнително, гаранцијата требаше да биде најмалку толку колку што се сомничи дека зел пари. Второ, и понатаму ги добива тендерите, пред некој ден имаше нов тендер со исто голема сума, така да сето тоа фрла една лоша слика, ако веќе може да има лоша слика за нашето судство, затоа што е навистина на многу ниски гранки спаднато“, додава Давидовиќ.