Давидовиќ: И да се „измислат“ 10 нови кривични дела, нема да се реши проблемот со сообраќајките

by Fokus

Измислувањето ново кривично дело нема да помогне во решавањето на проблемите со казните во сообраќајот бидејќи постоечките норми веќе ги покриваат буквално сите предвидени ситуации од употреба на дроги и психотропни супстанци, алкохол, несоодветна брзина, состојба на возилото, на коловозот, до временските прилики, но треба да се знае да се прочита Законот, вели за „Фокус“ адвокатот Звонко Давидовиќ откако министерот за правда Бојан Маричиќ најави ново законско решение за кривичното дело „Безобзирно управување со моторно возило“.

-Ова е популистичко решение и покажува недоволно познавање на правниот систем, но воедно покажува дека состојбите не се анализирани, причините не се детектирани, па со самото тоа не се ни предложени квалитетни и издржани решенија, појаснува Давидовиќ.

Според него не е првпат, поради зачестеност на сторување на определени кривични дела или под притисок на јавноста , власта да најавува воведување на ново кривично дело како решение за постоечките состојби.

-Законодавецот , па и судиите , треба да сфатат дека зачестеноста на определено кривично дело е прашање на казнената политика , а не на смислување и измислување на нови кривични дела. Но ако за случен настан во кој сторителот постапувал со умисла-според чл. 297 став 1 и настапи смрт на повредениот  и чл. 300 став 2, не можете на еден кој е суден во Охрид да му изречете условна осуда, на друг во Гостивар 6 месецизатвор, а на трет во Кочани 7 години затвор. Ова е причината за реакција на јавноста, а тоа е непочитување на Законот, негова селективна примена зависно кој е обвинет. Ова нема да го реши содавање и измислување на ново кривично дело, туку нема да го реши ни со измислување 10 нови кривични дела, појаснува Давидовиќ.

Според него загрозување на безбедноста во сообраќајот е предвидено како кривично дело во чл. 298 од Кривичниот закон и во трите става ги нормира и санкционира сите ситуации спротивни на законот. Предвидени се казни до 5 години, а ако има потешки последици, повреди или штета се применува членот 300, според се предвидува казна и до 10 години.

Маричиќ во изјава за „Фокус“ најави дека во рамките на Работната група на Министерството за правда за изготвување нов Кривичен законик ќе се вградиново кривично „Безобзирно управување со моторно возило“ за што се пропишува затворска казна и до 3 години, а доколку има смртни последици казната најмалку 4 години затвор.

С.Т.

 

Поврзани новости