Текстот е објавен на 09 август 2019 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1244
Ако ОЈО бара телефони од еден специјален јавен обвинител за истрага како што е „Рекет“, а недостасува еден од телефоните, тоа е сериозна индиција дека се прикриваат докази, да се работеше за друг случај или за друга личност, Обвинителството досега ќе побараше и мерка притвор, особено што подоцна телефонот е најден по сомнителен пат, а според информациите и форматиран. Не можe да се тврди дека имало докази на телефонот, но самото форматирање дава сомнежи за сторено кривично дело, вели адвокатот Звонко Давидовиќ, член на Советот за судски реформи
Пишувала: Соња Танеска
Од Основното јавно обвинителството веќе неколку дена нема нови детали во врска со случајот „Рекет“, освен дека истрагата тече. Притисоците и прашањата од домашната јавност, но и шпекулациите, па и нервозата кај граѓаните, реакциите од меѓународната заедница и опозицијата да се расчисти случајот и улогата на Катица Јанева, растат.
Главните прашања кои сѐ уште не се одговорени се дали шефицата на Специјалното јавно обвинителство е навистина злоупотребена во случајот „Рекет“ или, пак, активно соработувала со двајцата осомничени Бојан Јовановски – „Боки 13“ и Зоран Милевски – Кичеец, кои се во притвор. Обвинителството со денови е без нови информации околу текот на истрагата, но и евентуално проширување со нови осомничени лица иако обвинителката Вилма Русковска јавно потврди дека на снимките доставени од бизнисменот се слуша глас на обвинител и дека станува збор за трговија со влијание.
Одговорот што константно го повторува ОЈО е дека мерките што ги преземаат се вештачењата на мобилните телефони, запленетите компјутери и други предмети, а ако во текот на истрагата бидат утврдени елементи на други кривични дела или други сторители, постапката ќе биде проширена.
Русковска е на одмор. Јанева, исто така, од СЈО потврдија за други медиуми, но три дена не одговараат на нашето прашање до кога е на одмор и дали двата нејзини телефони се приватни или службени, особено тој што беше наводно изгубен, па мистериозно лоциран кај сестрата на девојката на нејзиниот син, која патем, исто така, работи во СЈО. Таа мора да одговори зошто кај мобилниот телефон што бил „изгубен“, форензичарите утврдија дека е форматиран и дека се избришани сите податоци и зошто и дали дала усна наредба за бришење на податоците на дел од компјутерите во СЈО.
Меѓународниот фактор испрати неколку пораки дека бара темелна истрага. Тоа го побараа еврокомесарот Јоханес Хан, како и вршителот на должноста помошник државен секретар за Европа и Евроазија на САД, Филип Рикер. Последната реакција пристигна и од високиот претставник од Стејт департментот на САД, Метју Палмер, кој нагласи дека добивањето датум за пристапни преговори со ЕУ, во голема мера, ќе зависи од решавањето на статусот на СЈО и додаде дека е клучно двете страни да седнат да преговараат и да ги решат разликите бидејќи времето за политикантство заврши, а дојде време за лидерство.
– Градоначалници, министри, обвинители и судии, две години се впуштиле во соработка со Бојан Јовановски наречен Боки 13, лице неколкукратно осудувано за финансиски криминал и финансиски малверзации. Тој човек без поткрепа од власта не можел да изнудува пари за кои е осомничен. Зоран Заев, Радмила Шекеринска, Фросина Ременски, Костадин Костадинов, на еден или на друг начин, се поврзани со милионскиот рекет. Јавното обвинителство, покрај проширувањето на истрагата кон Јанева, која според изјавите на Русковска била алатката со чија помош е вршен рекетот, мора да ја прошири истрагата и да ја испита поврзаноста на Заев, на Шекеринска, на Ременски, и на Костадинов и на другите со милионскиот рекет, обвини во неколку наврати Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО – ДПМНЕ.
Двајцата функционери на СДСМ, кои најчесто и најмногу се поврзуваа со случајот „Рекет“ поради нивната блискост со Јовановски, отфрлија каква било вина и тврдат дека не знаеле што се случува. Поранешниот генерален секретар на СДСМ, Александар Кирацовски изјави дека не можеле да претпостават што прави, како што рече, „нивниот познаник Боки 13“. Фросина Ременски, пак, која е почесен претседател во невладината организација на Јовановски, организација за која деновиве се открија финансиски малверзации во работењето, преку социјалната мрежа Фејсбук соопшти дека не се противи Обвинителството да ја истражи нејзината улога во оваа организација.
Кога станува збор за законот за Јавното обвинителство со кој треба да биде решен и статусот на СЈО, засега нема никаков напредок во преговорите меѓу власта и опозицијата, бидејќи овие преговори се претворени во пазар и спротивно на она што се говори во јавноста дека власта не треба да се меша во ингеренциите на третата власт – судството, секоја од партиите лицитира кој да биде нов јавен обвинител.
– Ние сме пред конечниот чекор за ослободување на правосудството од стегите на режимот кој е зад нас. Огромна е одговорноста кај политичките субјекти во оваа борба за правната држава. Но, најголема одговорност има партијата што ѝ донесе неправда на земјата и Мицкоски како прв човек на таа партија. Затоа јас ќе продолжам уште порешително да ја повикувам и убедувам опозицијата да ги поддржи реформите, рече премиерот Зоран Заев, обвинувајќи ја опозицијата за неизнаоѓање решение за проблемот, за кој всушност треба да одлучува фелата, а не политичарите, бидејќи е нелогично судството да се ослободи од политичко влијание, а партиите да водат преговори за избор на нов специјален јавен обвинител.
Постојано во јавноста се изнесува темата за пристапни преговори со ЕУ, константно добиваме извештаи со критики за правосудството и корумпираноста, но во реалната пракса нештата не се менуваат.
ЗАКОНОТ НЕ ПРЕДВИДУВА В.Д. СПЕЦИЈАЛЕН ОБВИНИТЕЛ!
– Специјалното јавно обвинителство не е како Основното јавно обвинителство, каде што сите обвинители имаат надлежности. Законот за СЈО е дециден и вели дека главна фигура на ова обвинителство е само и само Катица Јанева и таа ги има сите овластувања да може да постапува, дури и ако има полномошно, сите други што постапуваат според законот за СЈО постапуваат во нејзино име. Доколку специјалниот јавен обвинител биде разрешен или поднесе оставка и која ќе биде прифатена, неговите овластувања не може да ги пренесе на друг обвинител. Таа има право да даде и усна наредба, но ако нејзиниот мандат прекине, веќе ни полномошното дадено на друг обвинител не важи, затоа што сите овластувања ги црпи од својата функција. Доколку ја нема функцијата, ги нема ни овластувањата. Но, сепак, тоа е нешто последно во низата регулативи и сите во моментов сакаат да ги менуваат законските одредби, притоа непочитувајќи ги насоките на фелата. Последно во низата апсурдни решенија е поставување в.д. специјален обвинител што наликува повеќе на политички пазар, вели адвокатот и член на Советот за судски реформи, Звонко Давидовиќ.
Според него, в.д. специјален обвинител не може да постои затоа што не го предвидува законот, но тврди дека најверојатно политичките партии се потпираат на она старо правило „тоа што не е забрането, е дозволено“. Специјалниот јавен обвинител, според сегашниот закон за СЈО, го предлага Собранието со двотретинско мнозинство, но и според Бадентер и по согласност на четирите политички партии кои имаат најмногу пратеници. Така што, тие даваат предлог и за разрешување и за именување, а Советот на јавни обвинители на седница со двотретинско присуство на обвинители донесува одлука и го потврдува мандатот.
– Проблемот е во тоа што во моментов ние сѐ уште имаме специјален јавен обвинител, Катица Јанева сѐ уште ја има функцијата, дури и да ѝ ја прифатат оставката, се отпочнува посебна постапка за нејзино разрешување, објаснува Давидовиќ.
МАНДАТОТ НА ЈАНЕВА НЕ ЗАВРШУВА СО ИСТЕКУВАЊЕТО НА ВАЖНОСТА НА ЗАКОНОТ!?
Според тврдењата на Давидовиќ, не е точно дека мандатот на Јанева е пет години. Според чл. 20 од законот за СЈО, во кој се вели дека функцијата Специјален јавен обвинител трае сѐ додека не завршат сите истраги и постапки што ги отпочнала, нема временски определен рок. Значи, може да трае и 20 години. Законот за СЈО, пак, е со важност од пет години, и тоа од денот кога го изгласале пратениците и според чл. 1 став 3, еднаш годишно по истекот на тие пет години може да се продолжи важењето на законот, но не и функцијата на Специјалниот јавен обвинител.
– Сите се во голема заблуда, а можеби поради целата афера околу случајот „Рекет“, а и проблемите што настанаа со неефикасноста на СЈО, власта се обидува да протури решенија и јавно да сугерира јавни обвинители што би ја замениле Јанева. Според законот за СЈО, постојат четири случаи содржани во членот 17 кога може да му престане мандатот на специјалниот јавен обвинител, а тоа се: ако даде оставка, ако е неспособен за функција, болест и сл., потоа ако е именуван на друга функција, а не кореспондира со оваа и последно, ако стори кривично дело и со правосилна судска пресуда биде осуден на казна затвор од најмалку шест месеци. Постои и втор услов, дури и помала да е казната, функцијата може да му престане бидејќи го прави недостоен за вршење на должноста. Со самото поднесување на оставката не престанува неговата функција, таа оставка мора да дојде до Советот на јавни обвинители по предлог на Собранието. Значи, Јанева не му поднесува оставка на Советот, туку на Собранието, бидејќи таа дава отчет за сработеното пред Собранието. Потоа Собранието ја добива нејзината оставка и треба да закаже седница со согласност од четирите политички партии и тогаш со двотретинско мнозинство треба да се изгласа дека ѝ престанува мандатот, односно се прифаќа оставката, а Советот само ја констатира и усвојува. Но, има и член разрешување, тоа е членот 18. Ако се утврди дека специјалниот јавен обвинител е недостоен, несовесно ја извршува функцијата, необјективно и незаконито работи, во овој случај Советот на јавни обвинители покренува постапка и му доставува мислење на Собранието, објаснува Давидовиќ.
Според него, најголемиот проблем со законот за СЈО е тоа што беше изработен од лидерите на четирите политички партии, а не од правници и затоа има недоследности, ама тогаш во тие услови тоа било нужност поради општата политичка состојба, па и состојбата во судството. Сега тоа не е случај и треба да се изготви добар закон кој на СЈО ќе му даде соодветен простор во правосудниот систем
НЕЕФИКАСНОСТА НА СЈО БАРА НОВО РЕШЕНИЕ, А НЕ НОВА ЗАМКА
Според Давидовиќ, СЈО не е орган во рамките на ОЈО, туку надвор, дури и од уставната рамка, и секако треба некако да се внесе во системот, но да се запази законската постапка и да се сочува интегритетот и самостојноста. Советот за реформи во судството имал предлог кој е различен од актуелниот предлог СЈО да биде дел од ОЈО за гонење организиран криминал, каде што според сегашната состојба шеф е Вилма Русковска. Според предлогот на Советот за судски реформи, СЈО треба да биде дел од редовното Јавно обвинителство, но со своја автономија, односно Специјалниот јавен обвинител да ги задржи надлежностите и да остане шеф на посебен департмент во рамките на ОЈО. Мнозинството во Советот за судски реформи го поддржале овој предлог, но од необјасниви причини, тој очигледно не бил прифатен од политичките партии. За време на дискусијата, министерката за правда Рената Десковска имала обврска да ги внесе забелешките што биле дискутирани и усвоени на седницата, и по тие точки да се расправа во Собрание.
– Овој предлог, пред сѐ, беше многу важен бидејќи одделението за организиран криминал во ОЈО, кое потпаѓа под Републичкото обвинителство на Македонија беше под удар на јавноста зашто не ги извршуваше задачите согласно законските одредби. Затоа и се создаде СЈО и во ОЈО во моментов нема никакви реформи дури и многу малку кадровски решенија. Има нов државен јавен обвинител, кој ништо не презема, шефица е Русковска, ама таа не го прави целото обвинителство дури и ефикасно да ја работи работата и затоа се наоѓаме во ситуација во која СЈО, кое требаше да го испита работењето, не само на високиот криминал на функционерите, туку и на судиите и на обвинителите, сега одеднаш потпаѓа под истото обвинителство, кое не е реформирано. Особено е опасно што во ваква ситуација Русковска не постапува ниту многу транспарентно, ниту многу брзо, a во прашање е актуелен многу сериозен предмет „Рекет“, во кој е вмешано името на многу сериозна личност, специјален јавен обвинител, кој ги имаше сите надлежности и овластувања, па и голема одговорност и доверба, вели Давидовиќ.
ЈАВНОСТА БАРА ОДГОВОРИ, ДВАЈЦА СЕ ВО ПРИТВОР, ОБВИНИТЕЛИТЕ НА ОДМОР
Наеднаш сите одат на одмор, а ова е притворски предмет. Ако двајца осомничени се во притвор, за таков предмет не постои судска ферија, законот за судови убаво си вели, овие случаи мора да се сработат итно. Тука е и главната разлика меѓу СЈО и ОЈО, бидејќи Русковска е прва меѓу еднаквите, сите во ОЈО имаат право да водат истрага, да покренат обвиненија. Е сега, можеби Русковска има оставено некој тим да работи на случајот, сепак транспарентно во јавноста тоа не беше ниту кажано, ниту најавено, вели Давидовиќ.
Според него, дури и информациите што се споделени во изминатиот период, споредено со други предмети, се многу оскудни и чудни, а како пример ги дава телефоните на Јанева за кои досега требало да се одговори дали се приватни или службени, дали може да се подари службен телефон што притоа сомнително бил изгубен, сомнително најден, и тоа лоциран кај лице поврзано токму со Јанева.
– ОЈО наместо да разјасни и секојдневно да информира за новостите, молчи и ги подгрева шпекулациите во јавноста. Никој не треба да замине на одмор сѐ додека не се расчисти. Секако, истрагата може и да трае, но мислам дека во оваа фаза мора да се излезе во јавноста со факти и со прецизни информации, вели Давидовиќ.
НЕМА НИ КОЈ ДА ЈА СУСПЕНДИРА ЈАНЕВА!
– Јанева не е осомничена, нема одлука за разрешување, утре може да се врати од одмор и да издава наредби, а ги има и сите овластувања да продолжи да ги води предметите. Токму затоа, поради сомнежите што досега се појавија, беше и е повеќе од нужно јавниот обвинител да определи мерки за претпазливост. Секако, доколку се работи за ПИ мерки, јавноста не може и не смее да биде информирана, но во случајов да беше обичен граѓанин, во најмала рака ќе имаше забрана за напуштање на местото на живеење. ОЈО ги одзеде телефоните на Јанева, во случајот официјално беше потврдено дека едниот од нејзините телефони е изгубен во Белград, па дури и тоа е сериозна индиција дека се прикриваат докази, а не подоцна телефонот да биде сомнително пронајден, па и форматиран. Во таков случај, да се работеше за обичен граѓанин, верувам дека Обвинителството ќе побараше дури и определување мерка притвор. Иако многу често има критики од меѓународната јавност бидејќи имаме мерка притвор, која најчесто не се образложува. На пример, во еден од предметите од судската пракса, се вели: „Се определува мерка притвор бидејќи постои можност за бегство затоа што осомничените комуницирале со странски дипломати“, објаснува Давидовиќ.
Според него, ПИ мерки за Јанева можеби има, ама не знаеме, во принцип тие се тајни и за нив знае одделението за организиран криминал во МВР и обвинителот. Во секој случај, во оваа ситуација има основ за забрана за напуштање на местото на живеење и престојувалиштето, забрана за напуштање на градот, државата, задолжително јавување во суд.
Исто така, кога специјален јавен обвинител е вмешан во сериозен случај, потребно е да се оддалечи од предметите на кои работела бидејќи може некако да влијае.
– Но, тука има друг проблем. Според законот за СЈО, нема кој да ја суспендира, сѐ додека политичари решаваат за правни документи и закони, ќе го имаме овој проблем.
БАРАМЕ ПРАВНА ДРЖАВА, А ПОЛИТИЧАРИТЕ КРШАТ КОПЈА ДА ИЗБЕРАТ ОБВИНИТЕЛ
Две политички партии, надвор од уставната рамка, дискутираат за избор на кадровско решение за обвинител, а сакаме промени. Бараме правна држава, а политичарите постојано кршат копја околу различни предлози, буквално како на пазар се шпекулира со имиња, преговараат за кадровско решение за специјален јавен обвинител, без јавен оглас, а тоа го направија легитимно со претходниот закон за СЈО и сега повторно се обидуваат да протнат нов закон со недоследности. Така не може да се покрене самостојноста на обвинителството или, пак, судството. Значи, партиите немаат право на ова насилничко однесување, а Собранието треба да има свој стручен тим, не координативно партиско тело, да одлучува по одредени прашања, односно закони. Партиите тешко се откажуваат од своите привилегии и затоа судството е заробено, заклучува Давидовиќ.
Според него, изготвувањето на законите е работа на законодавната власт, не на извршната, што значи дека извршната власт би требало да работи според закони што изгласало Собранието.
– Проблемот кај нас е што системот е изместен, политичките партии преговараат, смислуваат решенија и му ги сервираат на Собранието, а пратениците само ќе кренат рака и ќе ги изгласаат. Тоа покажува дека собранието е апсолутно политизирано, не работи во интерес на граѓаните и демократијата. Колку и да говорат јавно, партиите апсолутно не се демократски во однос на третата власт, а тоа е судската. Секој секому се меша во ингеренциите, затоа има примери каде што министри си дозволуваат да зборуваат и да се мешаат во одлуки кои на пример се однесуваат на екстрадиција побарана од Интерпол, вели Давидовиќ.
АКО СЕ ДОКАЖЕ ДЕКА ЈАНЕВА ИМА ВМЕШАНОСТ ВО „РЕКЕТ“, ЌЕ ТРЕБА ДА СЕ ПРОВЕРИ ПРЕДМЕТОТ „ИМПЕРИЈА“
Треба да се направи ветинг, генерален избор, евалуација на работењето на судството, за да се утврди одговорност и отчетност посебно за големите предмети. Истото треба да се направи и со случајот „Империја“, дали и колку Јанева нанела штета на исправноста на одлуките во овој предмет. Ако се докаже нејзината вмешаност во „Рекет“, ќе треба да се провери и предметот „Империја“, дали и како обвинителката можеби влијаела на овој предмет. Јас можам да го посочам примерот за судењето на „Шпион“. Овој предмет, на пример, го водеше обвинителката Лиле Стефанова во ОЈО, а потоа го презеде СЈО каде што премина и оваа обвинителка. Таму се зборуваше дека, покрај обвинетите, имало и други лица со исти дејствија кои сториле исти кривични дела и дека се високо позиционирани во одредени политички партии. Токму затоа, овој предмет СЈО го презеде, но заврши исто и како кога би го водело и ОЈО, па дури и обвинетите беа изненадени од одлуките. На крајот, никој никогаш не одговори на кои странски служби беа предадени нашите државни тајни за кое дело беа осудени обвинетите, вели Давидовиќ.
Според него, ова ги руши темелите на правната држава и покрај поддршката од странскиот фактор, но целокупните случувања покажуваат дека не можеме да се справиме со висок криминал и висока корупција.
– Ова е класичен пример дека во Македонија немаме напредок, пред сѐ, во борбата против корупцијата и криминалот. Вакви обвинителства постојат во Италија каде што се справуваат со мафијата, на Балканот, во Романија и сите тие се слични земји според менталитетот и нивото на демократија. Сите овие земји вложуваат голем труд да излезат од јамката на криминалот, но кај нас оваа криза се продлабочува и се соочуваме со урнисување на правната држава. Срамно е странец да биде предложен за јавен обвинител затоа што има кадарни стручни луѓе во Македонија, ама не можат да испливаат на површина. Па, дури и партиски луѓе поднесоа оставки, бидејќи не можат да ја спроведат својата програма, вели Давидовиќ.
ОДГОВОРНОСТ ТРЕБА ДА ИМА И ОД ДРУГИ ИНСТИТУЦИИ, УЈП, БАНКИ
На крајот, Давидовиќ коментира за главниот осомничен лик во аферата „Рекет“.
– Се појавува личност, сама по себе скандалозна, одеднаш, со многу пари, отвора невладина организација, наводно помага на луѓе, потоа отвора телевизија и никој не се прашува од каде се парите. Што е најтрагично, видни луѓе од власта свесно се дружат со таква личност, а да не зборуваме и еден специјален јавен обвинител. Според праксата, за ситни пари им се блокираат сметките на луѓето, а во случајов ниту УЈП, ниту банките не потегнуваат никакви дејствија за потеклото на парите и процесот си тече. Во моментов излегува дека двајцата осомничени кои се во притвор ја понесуваат целата вина во случајот „Рекет“, а јас се надевам дека барем сега ќе покажеме поголема зрелост и дека барем овој процес ќе почне да добива соодветна правна завршница.