Претседателката на собраниската Комисија за демографија, социјална политика и млади, Илире Даути поднесе оставка од позицијата. Ова денеска го изјави од собраниската говорница, но, додаде дека претседателот на Собранието, Африм Гаши не го констатирал нејзиното разрешување.
-Го барам потребното време од 15 минути за да ја образложам мојата оставка, рече Даути, по што спикерот Гаши не ѝ дозволи да земе збор за оставката. Тоа ќе биде констатирано на следната редовна седница на Собранието, објасни претседателот на Собранието.
Даути почна да зборува за причините за оставката, но спикерот повторно не ѝ дозволи, како што рече, да го крши Деловникот на Собранието.
-Не можете да ме држите со сила, господине Гаши. Ќутете таму, господине Мицевски. Вие само можете да слушате. Научете да го почитувате Деловникот и законите. Ќе се слушне мојот глас и моето образложение. Срам да ви е, се обрати пратеничката.
-Јас не сум ваша Никола Мицевски, ниту на Апасиев ниту на ЗНАМ ниту на Гаши. Го барам потребното време од 15 минути за да ја објаснам мојата постапка. Сега јас имам збор, рече Даути во кавгата со координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
Откако собранискиот спикер рече дека за него е затворено прашањето за претседателката на Комисијата за социјална политика, на која ѝ беше изгласана интерпелација зашто го прекршила Деловникот за работа на законодавниот дом, партиите притискаа за нејзино разрешување.