Актерот, Драган Спасов Дац, кој поднесе оставка од функцијата директор на Македонскиот народен театар откако управувајќи со БМВ удри во 21-годишна девојка, преку својот фејсбук профил и се обрати на јавноста објаснувајќи ги причините за својата оставка.
„По повод синоќешниот сообраќаен инцидент во кој бев учесник, инцидент кој што со молскавична брзина предизвика безброј малициозни наслови и коментари кои одекнаа во јавноста и социјалните мрежи, чувствувам потреба да се обратам до нашата јавност со вистинското објаснување за настанот.
Вчера вечер враќајки се со мојот автомобил кон дома, кај “Шампионче”, се случи сообраќаен инцидент во кој учество имав јас и девојка на возраст од дваесетина години. Факт е дека среќата беше на наша страна (на девојката и моја), при што девојката беше апсолутно неповредена. Сочекавме увидна екипа на МВР на место на настанот а потоа девојката, јас и мојата сопруга, заминавме заедно до првата здравствена установа на превентивен преглед (за секој случај ) каде е утврдено дека девојката е неповредена. За нејзиниот претрпен страв и стрес немам право да зборувам. Мојата претпоставена вина е што неколку минути пред настанот имав испиено една чашка алкохол, поради што , при алко тестот на лице место, мојот наод беше позитивен.
Сакам да ја известам јавноста дека поради настанот длабоко жалам и воедно искрено и се извинувам на девојката и на нејзиното семејството (името на девојката од нормални причини го изоставувам) за претрпениот страв и стрес и дека во име на чувството на лична одговорност како човек и јавен службеник во нашата земја, свесен за личната вина, давам неотповиклива оставка на функцијата В.Д. Директор на МНТ. Оставката е последица на личен чин, како израз на моето морално кредо и ништо повеќе или помалку од тоа.
Моето учество во протестите против погубното владеење на претходната Влада најнапред во непочитувањето на уставот и законите, во крајна линија трајното нарушување на јавнот морален дискурс – не беа без причина. Јас се борев против оние за кои не важеа никави правила. Со мојот своеволен избор и следствено оставка, сакам да истакнам дека сум поинаков од оние против кои се борев. Чувствувам немерлив срам, вина и одговорност.
“Сите животни се еднакви, но некои се поеднакви од другите” вели Орвел. Јас како јавна личност и носител на јавна функција имам немерливо поголема одговорност во секаков смисол од одговорноста на обичниот граѓанин. Од таму и мојата оставка и каење за настанот.
И натаму останувам посветен во мојата мисија во градењето на праведно општество со што создавањето или одржувањето на моралната вертикала мора да стане постојан процес . Се гледаме на “штиците кои живот значат”.
Искрено ваш, Драган Спасов Дац.“