Дац и Александар со прв концерт во Антички театар во Охрид

by fokus

Музичкото дуо Драган Спасов – Дац и Александар Митевски ќе го одржат својот прв концерт во Антички театар Охрид на 14-ти август, со почеток од 22 часот.

Од организацијата најавуваат емотивен евергрин концерт, а според протоколите за заштита од корона вирус, бројот на посетители е ограничен на 1.200. Билетите се продаваат по цена од 600 до 800 денари.

Актерот Дац и композиторот Александар се појавија како освежување на сцената со својот дует лани, кога на фестивалот ,,Охридски трубадури” настапија со песната ,,Цреши охридски”.
Тогаш освоија прва награда од жири, втора од публика во поп вечерта, а во интернационалната вечер освоија трета награда од публиката.

Дуото сними повеќе авторски песни изминатиот период, а беа активни на социјалните мрежи за време на полицискиот час, со свои изведби во живо.

-По неколкуте успешни свирки иницирани од наши пријатели и фанови во неколку скопски локали, нашата дружба премина и во една друга форма. Напишавме и снимивме песна, две, со многу љубов, искреност,боемштина, патина.
Песни кои се надеваме ќе и се допаднат на македонската публика и ќе бидат вистинско освежување на нашата сцена.
Спојка на две генерации, две биографии, двајца пријатели со слични музички вкусови. Актер и кантавтор – ќе пеат само за вас – информираа минатата година Дац и Александар, откако започнаа да функционираат како дуо.

Вики Клинчарова

Поврзани новости