Актерот Драган Спасов – Дац, музичарот Александар Митевски и ликовниот уметник Живко Поповски – Цветин се кумовите и здравичарот за Бадник 2022 година. Здружението на граѓани „Одбор за традиционална прослава на Бадник во Скопје“ денеска на прес-конференција го претстави уметничкото трио кое ќе ја предводи прославата која традиционално се одржува 29 години.
Сплотеноста, енергијата и љубовта од организаторите, нагласи новиот кум Драган Спасов – Дац, му претставувале посебен поттик да продолжи да работи со нив и порача дека му е задоволство што токму тие се предложени да бидат кумови.
Задоволството што токму младите се тие кои ги предложиле, изрази и Алесандар Митевски кој се потсети на поранешните прослави на кои учествувал и со музика давал поддршка на млади групи коишто собирале бадникови гранчиња.
Ликовниот уметник Живко Поповски-Цветин, кој има над 60 илјади слики подарено низ цел свет, упати порака за мир љубов и здравје.
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски на кумовите, здравичарот и организаторите им посака здравје и многу успех, а на младите од организацијата им порача да ја продолжат традицијата и вети поддршка од Општината.
Мојсо Мојсовски од одборот за Бадник, потсети дека на 26 декември на местото Говрлевска краста на јужната страна на Водно на пладне ќе се берат бадникови гранчиња, а на 6 јануари 2022 години ќе се одржи централната прослава со почитување на здравствените протоколи.