Куќа во местото Елани, на првиот крак на Халкидики, во Грција, од пред половина година се води на име на мајката на сопругата на актуелниот претседател на Државната изборна комисија, Александар Даштевски, открива 360 степени.
75-годишната пензионерка од Куманово го ополномоштила зетот Даштевски, а не, на пример, некое од своите деца, да ја води и заокружи купопродажбата на имотот од 111 метри квадратни.
Дополнително, официјалната вредност на куќата наведена во нотарските акти од 110 илјади евра е најмалку двапати помала од пазарната цена на слични недвижнини во Елани. Екипа на „360 степени“ беше во потрага по документите и куќата на Халкидики.
Претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски, до денеска на својот фејсбук-профил имаше објавено семејна фотографија од минатото лето. Иако не пишуваше каде е направена, со пребарување на интернет може да се утврди дека станува збор за Елани, на првиот крак на Халкидики во Грција.
А токму во тоа место има куќа која се води на име на мајката на сопругата на Даштевски. 75-годишната кумановка Славица Ѓ., инаку пензионерка, лани во септември во Солун потпишала договор за купување на недвижниот имот чие ефектуирање било условено со плаќање на договорената сума и веднаш го ополномоштила зетот Даштевски да продолжи да го води процесот во нејзино име, откриваат документите до кои дојде „360 степени“.