За дел од српските медиуми е пародија премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас да бидат номинирани за нобелова награда за мир. Цитирајќи изјава од македонскиот политички аналитичар и претседател на Комисијата за дискриминација, Александар Даштевски, медиумите во соседната земја пишуваат дека номинацијата претставува дел од предизборната кампања на Заев за претседател на Македонија.
Даштевски е убеден дека наградата нема да отиде во рацете на Заев и Ципрас, но истовремено нема дилеми дека Заев ќе победи на претседателските избори, иако од Владата негираат дека премиерот ќе се кандидира.
-Нема основ да му биде доделена награда за мир, со оглед на тоа што во преговорите меѓу Грција и Македонија се работеше за решавање на билатерани односи меѓу двете земји, односно за спор во врска со името Македонија. Се работеше за дваесет обврски кои треба да ги исполни Македонија и само една која треба да ја исполни Грција – да не го блокира приемот на Македонија во ЕУ и НАТО, што е веќе предвидено со договорот од 1995 година. Сигурен сум дека Нобеловата награда ќе му биде доделена на некој кој ја заслужува, а ова е само пропаганда за да се омекне јавното мислење во Македонија, кое против договорот од Преспа – вели Даштевски.