„Цинизам е едно племе кое не може да се спитоми, кое не може да изгради ни соработка ни соживот, да му дадеш улога да учествува во операција обезименување на еден домороден народ. Знаеш дека во пописните книги и во историјата на турската империја не постоеле Албанци, не постоеле Шиптари, се викале Арнаути“, вели Мирка Велиновска во емисијата „Миленко Неделковски Шоу“, емитувана на 27.01.2018 година на ТВ Алфа.
Поради овој говор на омраза телевизијата доби претставка од Агенцијата за медиуми, претставка која ја одби Комисијата за заштита од дискриминација, со која претседава Александар Даштевски.
Понатаму Велиновска вели:
„Арнаут етимолошки значи оној кој нема каде да се врати. Или скратено скитач, чергар, бездомник. Они биле племе од Каквказот кое немало своја земја. Лутале, краделе, ќе поседат некаде, ќе направат зулум, ќе се тргнат на друго место. Значи немале своја територија. Дури и кога оделе со Турците они биле само тоа. Дојденци. Тие одредуваат кое име, кој е идентитетот на народ у кој они се уствари дојденци. Не се никакви Илири, да не се залажуваме“ , вели Велиновска во својата елаборација за Албанците.
Во текот на емисијата, велат од АВМУ, може да се забележи дискриминаторски говор (забранет со Закон) насочен кон албанската етничка заедница.
„Ставовите ги искажа гостинката Мирка Велиновска, а се поддржани од водителот Неделковски со потврдни зборови и дополнувања. Тој во ниту еден момент не спори со нејзините јавно искажани ставови и не се оградува од нив“, велат од АВМУ.
Во претставката се наведува дека на почетокот на емисијата Мирка Велиновска изнела обвинувања кон јавни личност, политичари, уметници, професори. Од Агенцијата посочуваат дека овие лица можат да поведат граѓанска постапка против Велиновска доколку сметаат дека им е повредена честа и угледот.
И покрај експлицитниот говор на омраза, Комисијата за заштита од дискриминација ја одби претставката. Тоа според АВМУ е неоправдано и со писмо до Даштевски бараат преиспитување на одлуката.
„Непријатно сме изненадени од одлуката воопшто да не бидат разгледани доказите кои се доставени од АВМУ, туку предвид да бидат земени само ставовите на ТВ Алфа. Притоа, наводите од изјаснувањето на ТВ Алфа се третирани како апсолутна вистина и воопшто не е земена предвид елаборација за овие важни аспекти од утврдувањето на прекршокот која е дадена во Извештајот од надзорот на АВМУ“, велат од таму.