Дарко Спејко влегува во политика: Завршив со шоу бизнисот, време е за сериозни проекти!

by fokus

Кумановецот Дарко Петковски, познат во регионот како Дарко Спејко, победник и учесник во регионални реални шоу програми, но и музичар, влегува во политика. Тој е кандидат за член на Совет на Општина Куманово на независната листа чиј носител е Ивана Ѓорѓиевска, а за ,,Фокус” раскажува што било пресудно да се реши на големата промена, од шоу бизнис, да влезе во политички води.

-Во Куманово ме знаат како голем поборник за напредок во спортот, и токму тоа беше главниот мотив да се кандидирам, со поддршка од актуелниот и независен кандидат за градоначалник, Максим Димитриевски. Ниту на една, ниту на друга страна, туку на независна листа, бидејќи сум подготвен да се борам на свој начин за да донесам промени и напредок на полето на спортот – вели Дарко, кој работи како професор по физичко воспитување во основно училиште во Куманово.

Има завршено факултет за физичко образование, спорт и здравје, а вчера го имал првиот факултетски час на економскиот факултет. Открива дека е постдипломец по менаџмент, и е човек кој постојано сака да го надградува своето знаење, па затоа и на свои 33 години не запира со учење.

-Јас сум спортски директор на КК Куманово, го посветив целиот мој живот на спортот и сакам да го дадам најдоброто од себе оваа бранша да напредува уште повеќе. Знам дека можеби помладите ме знаат како лик од реалните шоу програми и естрадата, од каде стекнав голема популарност, но тоа беше само еден период од мојот живот. Завршувам со шоу бизнисот, не сакам да им го земам лебот на музичарите, а стекнатата популарност сакам да ја искористам на еден поинаков начин. Имам премногу идеи и конкретни проекти со кои спортот би одел напред, и Куманово ќе испише убава приказна – раскажува Дарко.

На плакатите изработени за потребите на кампањата, тој комплетно го променил својот стил. Во бела кошула и сако, со уредно потстрижена коса, фановите кои ги стекна како шоу ѕвезда, речиси и да не можат да го препознаат.

-Влегувам сериозно во политика, подразбирлива беше и промената на имиџот. Мојот пат кон популарноста беше доста тежок, иако можеби јавноста не го знае тоа. Јас сум амбициозна личност која има зацртани цели. Како што се изборив за свое место во шоу бизнисот, верувам дека истото ќе го сторам и во политиката, со конкретни дела и со голем елан ќе го издигнам спортот на едно повисоко ниво во нашата општина- ни изјави Петковски.

Вики Клинчарова

Поврзани новости