Специјалниот суд во Белград денеска го осуди Дарко Шариќ на повторената постапка на 15 години затвор поради организирање криумчарење на кокаин.
Шариќ е осуден на максимална казна и останува во притвор.
Дарко Шариќ е осуден како организатор на групата, која прокриумчари 5,7 тони кокаин од Јужна Америка во Западна Европа во текот на 2008 и 2009 години.
Неговите соработници и припадници на групата се осудени на казна од една до 15 години затвор. Групата на Шариќ е осудена вкупно на 300 години затвор. Двајца од обвинетите се ослободени од обвинение за помагање на извршителите по извршеното кривично дело.
Таа пресуда е изречена во повторена постапка, откако Апелацискиот суд ја укина првостепената пресуда од јули 2015 година, со која Шариќ беше осуден на 20 години затвор, а останатите на повеќегодишни затворски казни.
Апелацискиот суд тогаш оцени дека првостепениот суд го прекршил законот кога не го применил поблагиот закон, кој е донесен во 2005 година.
Според Кривичниот законик од 2005 година, за неовластено производство и ставање во промет опојни дроги, предвидена е казна од пет до 15 години затвор, а Шариќ овој пат е осуден на максимална затворска казна.
Фото – Анадолија