Музичкиот продуцент Дарко Димитров и оваа година ќе биде дел од евровизиски тим, односно работи на баладата со која Црна Гора ќе се претстави на манифестацијата.
Станува збор за песната „Breathe (Unforgivable)“ која ќе ја изведе Владана Вучиниќ. Таа го напишала текстот кој е на англиски јазик, а музиката и аранжманот му се доверени на Дарко Димитров. Истата ќе биде промовирана кон крајот на февруари.
Кога е Евровизија во прашање, Димитров е редовен со своите композиции. Лани Србија, односно претставничките Сања, Ивана и Ксенија настапија со песна под која се потпиша тој, како и Немања Антониќ.
Освен што беше дел од авторскиот тим со Роберт Билбилов и Лазар Цветковски и заедно ја компонираа баладата ,,Proud” со која Тамара Тодевска успешно не претстави во 2019 година, тој исто така го направи и аранжманот за песната “Круна” со која Невена Божовиќ истата година ја претставуваше својата земја – Србија, и се избори за влез во финалето.
Пред таа година пак, Димитров замина на Евровизија како автор на песни на две држави. Беше продуцент на ,,Lost and found” со која не претставија „Ај Кју” и го направи аранжманот за песната ,,Нова деца” на Сања Илиќ и Балканика од Србија. Тогаш ,,Ај кју” не влегоа во финале, но Сања Илиќ и Балканика се пласираа и завршија на 19-то место.
Исто така, во минатото тој беше дел од авторскиот тим на „To the sky“ на Тијана, „Пред да се раздени“ на Есма и Лозано, „Нинанајна“ на Елена Ристеска, и на албанските песни во 2015 и 2020 година.
Според ЕБУ, еден композитор може да учествува со повеќе нумери, а може да оди на настанот како дел од авторскиот тим на онаа држава за која самиот ќе одлучи.
Годинава Евровизија ќе се одржи во мај, во Торино, Италија. Македонската Радио Телевизија го објави конкурсот за избор на претставник и композиција со која Македонија ќе настапи на манифестацијата.
За разлика од изминатите години, кога претставниците беа избирани од страна на жири комисија од националниот сервис, годинава и публиката ќе се вклучи во изборот.
-Од сите пристигнати композиции на конкурсот, МРТ ќе ги избере најдобрите, но не повеќе од шест композиции. Избраните композиции ќе ѝ бидат јавно презентирани на публиката, која по пат на транспарентно гласање ќе учествува во изборот на нашиот претставник за Евросонг 2022.
Резултатот од гласањето на публиката ќе обезбеди 50% од вкупните гласови, а преостанатите 50% ќе бидат обезбедени од меѓународно стручно жири- информираа од МРТ.
Вики Клинчарова