Дарко Алексов, МОСТ: Фер и регуларни избори не можат да се одржат на 24 април!

by Фокус

МОСТ оценува дека не се исполнети условите за избори на 24 април. На денешната прес конференција на која беа објавени повеќе констатирани кршења на предизборниот процес, првиот човек на МОСТ Дарко Алексов одговарајќи на новинарски прашања истакна дека ДИК има историска задача да ја заврши својата работа, и дека тоа треба да го прави без временски притисоци.

„Јас би се задржал на моменталната ситуација поврзана со Избирачкиот список, затоа што тоа во овој момент е и најактуелно. Во РМ, во изминатиот период, сите броиме денови и доаѓаме на едно гледиште кое што го става датумот 24 април како ден. Ако ме прашувате директно дали се исполнети условите за на 24 април да има избори, јас ќе ви кажам не. Задачата на нашите партнери и набљудувачи е да ги следат условите и околностите во кои што се подготвува целокупниот изборен процес. Иако на 20 јануари јавно констатиравме 50-дневно задоцнување со почетокот на прочистувањето на Избирачкиот список, денес, 27 дена подоцна, може да констатираме 77-дневно задоцнување на прочистувањето на Избирачкиот список. Апелираме до сите политички партии во РМ, да ја согледаат сериозноста на оваа состојба и објективно да направат процена дали навистина овие 77 дена се поминати или не и што е сработено во тој период…

Ја повикуваме ДИК да си ја изврши својата, според нас, историска задача и еднаш-засекогаш без временски притисоци и поставување на рокови да го прочисти Избирачкиот список, а со тоа и барем малку да ја врати довербата во изборниот процес“, вели Алексов.

Според него илузорно е да се зборува за датум за избори, во услови кога доцнењњето веќе е речиси три месеци, а никој точно не знае колку време ќе одземат следните фази.

„Методологијата е многу конкретна и деновите се испланирани и поставени така како што се, со конкретни датуми и во Договорот од Пржино и во Изборниот законик. Двата документи се консензуално договорени и изгласани во Собранието на РМ без ниту еден глас против. Значи, тие рокови се стандардизирани и тие предвидуваат методологија која што треба да се спроведе за да може квалитетно да се заврши работата. Тоа се 87 дена. Затоа, во оваа фаза нема да шпекулираме и да кажуваме колку дена би траела секоја од фазите, бидејќи никој не може да знае… Како што најавивме, ДИК се уште нема излезено со став, меѓутоа, треба да видиме што е сработено досега, а потоа да може да разговараме за обемот на сите следни чекори и операции во рамките на прочистувањето на Избирачкиот список“ изјави Алексов.

Запрашан за обвинувањата дека неговите ставови во овој период во голема мера се поклопуваат со ставовите на СДСМ, Алексов смета дека ставовите на МОСТ се блиски до процесот, а не до политичките партии. Најважно е да имаме феф изборен натпревар вели тој.

„Во овие 14 години МОСТ во многу наврати имала ставови кои што јавноста ги перципирала како ставови блиски до ВМРО-ДПМНЕ, како ставови блиски до ДУИ, како ставови блиски до СДСМ, како ставови блиски до ДПА и низа други партии. Тоа што е најважно за јавноста да го знае е дека ставовите на МОСТ секогаш се блиски до процесот, односно го застапуваме процесот и законот и се грижиме за законитоста и адекватното спроведување на законските одредби кои што нашите политичари и политички партии ги носат. И точно е, во некои периоди нашите ставови биле блиски до процесот, а перципирани како блиски до некоја политичка опција. И повторно ќе ви кажам, нашите ставови се блиски до сите 4 политички партии кои што го потпишаа Договорот од Пржино и ја изгласаа измената на Изборниот законик зашто тие ние се појдовни точки за нашиот мониторинг и за се што правиме во оваа област во овој период“ изјави на прес конференцијата Дарко Алексов.

На следниот линк повеќе детали од прес конференцијата и наодите на МОСТ и неколку други невладини организации.

МОСТ: ПРИТИСОЦИ ВРЗ ЈАВНАТА АДМИНИСТРАЦИЈА, ЗЛОУПОТРЕБА НА ДРЖАВНИ РЕСУРСИ

Поврзани новости