Плодни неколку месеци се зад актерката од МНТ, Дарја Ризова која доби три награди за улогата на Маша во претставата „Нема да биде крај на светот“: Награда за најдобра актерка на Фестивалот на актерот во Коњиц – БиХ, , награда за најдобра актерка на меѓународното ниво во Турција и награда за најдобра актерка на фестивалот „Живи Фест“ во Босна и Херцеговина.
Токму тоа беше и причина за интервју за „Фокус“ на оваа актерка, која досега има одиграно многу театарски улоги кои се силно врежани во меморијата на публиката.
Како што вели Ризова, театарската претстава која и донесе три награди за само неколку месеци, за неа но и за останатите учесници има посебно значење, пред се затоа што се работи за тема која им е блиска и со која можат лесно да се идентификуваат.
„Тоа е пред се топла човечка приказна, семејна драма која бара од актерите да го ослободат целиот емоционален дијапазон. Во сите три земји во кои игравме, ми се чини дека успеавме да допреме до публиката затоа што бевме сведоци на прилично емотивни реакции.
Со оглед на тоа што оваа претстава ја работевме за време на пандемијата, на интимен план за мене, Џана Џаниќ, Саша Ханџиќ и режисерката Нина Николиќ овој проект имаше уште поголемо значење. Целиот процес не одржа во ментална кондиција, ни беше вентил за креативно изразување и средство за ослободување од стресот“, го започна разговорот Ризова.
Оваа претстава се работела минатото лето, најпрво онлајн а подоцна со проби во МНТ и во Сараево.
Таа досега во кариерата има освоено повеќе награди на различни фестивали и вели дека сите и се подеднакво драги и се мотив за уште поголема работа во иднина.
„Наградите секако имаат значење, без разлика која награда по ред е. Тие се на некој начин препознавање на квалитетот и верификација на трудот. Освен базичната потреба за креативно изразување и тие ми даваат стимул за понатамошна работа пред се затоа што некои луѓе, без разлика дали станува збор за жири или за публика, гледаат поента во она што јас го правам“, раскажува Ризова.
Честопати, нашите театарски групи кои одат да гостуваат низ европските земји, играат претстави со превод во форма на титл. За Ризова, тоа не претставува некаков голем хендикеп.
„Публиката е подготвена и е дојдена да гледа претстава без разлика на јазичната бариера. Некогаш, станува збор за познато дело кое на публиката која е театарски и книжевно поедуцирана не и е воопшто ни потребен титл. Понекогаш претставата може да има некаква форма на „физички театар“ или актерските средства да бидат неконвенционални па претставата да биде добар материјал токму за фестивалски гостувања.
Дури и да се работи за помалку познат текст, поставен на најкласичен начин јазичната бариера не претставува проблем. Добра претстава е едноставно, добра претстава!“, додава таа.
Она што е интересно е уште пред пандемијата да почне да се шири агресивно низ светот, МНТ гостувал со претставата „Галеб“ од Чехов во Пекинг. За Ризова, која игра во оваа претстава, но и за останатите актери, тоа било неверојатно искуство.
„Дента на претставата добивме информација дека во Кина има први случаи на корона вирус. Не се знаеше дали воопшто ќе ја играме претставата. Бевме под силен стрес, се наоѓавме во центарот, односно на местото каде започна се. Кога излегов на сцена, погледнав кон публиката и првата слика беше постапокалиптична .
Се чувствував како во дистописки филм. Полна сала луѓе седнати со маски. Тоа беше првиот поголем шок. Ме фати страв во тој момент, имавме среќа што го фативме последниот лет од Пекинг кон Скопје“, истакна таа.
Нашата соговорничка од мали нозе е врзана за Македонскиот народен театар и оттогаш се заразила со глума. Одењето на драмски секции низ младоста многу и помогнале.
„Уште од мали нозе ме носеа во театар и гледав многу претстави. Отсекогаш бев наклонета кон МНТ. Таму подоцна запознав прекрасни колеги кои ме примија со широки срца и од кои можев навистина многу да научам. Од мала го сакав театарот.
Во основно работевме претстави за патронат, во средно одев во Детско драмско студио па Факултетот за драмски уметности и МНТ беа некако логично продолжување на низот. Освен глумата ме привлекуваше и Ликовната академија или модниот дизајн, но глумата сепак ми беше приоритет“- заврши Ризова.
Пандемијата беше силен удар за сите дејности во општеството, а едни од најпогодените беа актерите. Актерката раскажува колку тешко го поминала тој период, особено минатата година.
„Пред пандемијата имав многу ангажмани. Одев од една претстава во друга, различни теми, различни режисери, многу патував во тој период. И одеднаш пандемијата го наруши тој континуитет. Не знаев што да правам со својата енергија.
Пробував да гледам филмови, серии, излегував понекогаш но ништо не можеше вистински да ја надомести мојата потреба за театар.Позитивниот аспект на целиот тој период беше можноста да се одморам и да направам некаков вид на интроспекција која ми покажа дали и што евентуално кај себе треба да редефинирам“, истакна Ризова.
Има претстави кои беа на репертоарот пред пандемијата а се уште не се вратени на големата сцена. Тоа се претстави што вредат, големи ансамбловски претстави во кои е вложен многу труд и многу средства, претстави кои и публиката ги бара. Нашата соговорничка се надева дека ќе се најде начин истите да се вратат на репертоарот на МНТ.
Што се однесува до нејзиното детство, таа вели дека била палаво девојче, а другарите и
другарките од мали нозе се уште ги има.
Годините на студирање си носат своја тешкотија, па такви моменти имала и нашата соговорничка.
„Мислам дека секој актер порано или подоцна поминува низ една, па дури и повеќе слични фази кога се прашува дали е доволно добар, доволно достоен да одговори на предизвиците на оваа професија. Првата година, самиот почеток ми беше најтежок. Понатаму, заедно со самодовербата растеше и смислата на тоа што го правам“, вели Ризова.
И покрај тоа што има многу награди зад себе, Дарја Ризова не е актерка која сака да се експонира во јавноста. Како што вели, сака да си ја брка својата работа и не живее во облаци после секој успех.
Вториот дел од интервјуто со актерката Дарја Ризова ќе биде објавено во текот на наредните денови.
Јорданчо Цветаноски
Фото – Дени Ингилизовски