Кон крајот на февруари Министерството за култура ги објави резултатите од Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2021 година.
Станува збор за сума од 11 милиони евра, пари на даночните обврзници, а за распределбата на овие средства одлучувале стручни комисии.
Во категоријата музичка и музичко-сценска дејност, помеѓу поддржаните проекти може да се забележи и името на поп пејачот Дарио Панковски, кому министерството му одобрило 397.800 денари, односно околу 6.400 евра, за јубилеен ексклузивен концерт, 40 години кариера на Дарио.
Ова е воедно и една од највисоките одобрени суми во категоријата, наменета за физичко лице.
Покрај Дарио, истата сума од 397.800 денари му е одобрена и на Горан Трајковски, за проектот ,,Меѓународен фестивал по кларинет и саксофон-Саксклар, потоа на Исмет Вејсели за операта ,,Alcina”, како и на Ристо Вртев за концерт ,,Болка и насмевка”.
Останатите суми во категоријата исто така не се занемарливи и се движат од 700, па се до над 6.000 евра. Одобрените средства се за концерти, рецитали, издавање и промоција на албуми и друго.
Од друга страна пак, кога е финансирањето на проектите за 2021 година во прашање, од Скопје џез фестивал порачаа дека се прекинати сите подготовки за јубилејното 40-то издание, бидејќи не се задоволни од одобрените средства. На Установата за уметнички дејности Скопски џез фестивал – Скопје, за манифестацијата ,,40-ти Скопски џез фестивал” и се одобрени 3.200.000 денари, односно околу 52.000 евра, и уште 2.010.000 денари, односно околу 32.600 евра на истата установа за манифестацијата ,,20 Оффест”.
Вики Клинчарова