Данска: Збогум на ограничувањата, добредојде на животот од претходно

by fokus

Во Данска денеска се укинаа речиси сите ограничувачки мерки за коронавирусот и покрај релативно високата инциденца во земјата.

Задолжителното носење маска сега е минато, заедно со прикажувањето на сертификати за коронавирус со кои се докажува дека лицето е вакцинирано, го прележал вирусот или има негативен резултат од тестот.

Отсега ќе може да се одржуваат големи настани, а посетителите на ноќните клубови повторно ќе можат да се забавуваат без маска.

Сето ова е поврзано со фактот дека Ковид-19 повеќе не е класифициран како „критичен за општеството“, ознаката што ѝ дозволи на владата да воведе далекусежни рестриктивни мерки.

Единственото правило што остана на сила е патниците да мора да покажат доказ за вакцинација при влез во државата.

Данска направи сличен потег и во септември, но откако бројот на заразени почна нагло да расте набрзо потоа, мерките повторно постепено беа воведени.

Минатата недела, дневниот број на заразени во Данска се движеше од 33.000 до 47.000, а тоа беше тешко да се замисли пред појавата на многу заразната варијанта омикрон.

Високиот број на заразени, сепак, не ги оптоварува болниците, и покрај стравувањата. Високата стапка на вакцинација во земјава се смета за главната причина зошто здравствениот систем остана во добра состојба.

-Ја мнавме критична фаза, изјави данската премиерка Мете Фредериксен минатата недела кога најави укинување на мерките.

„Од 1 февруари Данска ќе биде отворена, целосно отворена“, кажа таа со насмевка.

-Подготвени сме да излеземе од сенката на коронавирусот. Ние им кажуваме збогум на ограничувањата и добредојде на животот што го знаевме претходно, рече таа.

Поврзани новости