Данска ја совлада вечерва Шпанија со 26-23 во првото полуфинале на 28. Светско првенство во ракомет и во финалето в недела ќе ја брани титулата освоена на Мундијалот пред две години во Египет.
Данците од самиот почеток остварија предност од четири голови и на полувреме заминаа со водство од 15-10.
Предноста од пет голови ја одржуваа до средината на второто полувреме кога Шпанија се доближи на само гол негатива (19-20).
Сепак, уследи нова серија од 4-0 на данските ракометари со која победникот беше одлучен.
И во Египет пред две години Данска и Шпанија играа во полуфиналето, а Данците тогаш триумфираа со 35-33.
Данска в недела ќе се обиде да ја освои третата светска титула во низа, а противник во финалето ќе биде победникот од дуелот во кој вечерва од 21 часот во Стокхолм ќе играат Шведска и Франција.
Во денешните натпревари за пласман од петтото до осмото место, Германија го победи Египет (35-34), додека Норвешка беше поуспешна од Унгарија (33-25)