Данска протера 15 руски дипломати поради шпионажа

by Fokus

Данска одлучи да протера 15 руски дипломати по извештаите за пронајдени масовни гробници и за убиства на цивили во украинскиот град Буча, соопшти денеска данскиот министер за надворешни работи Јепе Кофод.

Данските медиуми посочуваат дека станува збор за 15 руски разузнавачи регистрирани како дипломати во земјата. Ним им е даден рок од 14 дена да ја напуштат државата.

– Мора да излезат што е можно поскоро. Им се дава можност да ги земат своите работи и да ја напуштат земјата. Ова се смета за разумно предупредување, вели шефот на данската дипломатија.

– Не сакаме руска шпионажа на данска почва. Затоа сега ги депортираат од Данска, изјави Јепе Кофод.

Министерот за надворешни работи наведува дека 15-те Руси шпионирале на данска територија. Тој рече дека не може да коментира за природата на шпионажата, но ја нарече „напад врз данската безбедносна архитектура“.

– Тоа е историски чекор што го правиме од данска страна. Но, тоа го правиме и во согласност со голем број европски земји, бидејќи сакаме да ја заштитиме нашата безбедност и сигурност. Не сакаме руска шпионажа во Данска, вели Јепе Кофод.

Русија веќе најави дека ќе возврати на протерувањето на руски дипломати од страна на Данска.

Поврзани новости