На вчерашната седница Владата, на предлог на Министерството за финансии ги утврди текстовите на три предлози на закони кои се однесуваат на даночната реформа, а чиишто одредби се усогласуваат со директиви на Европската Унија и европското право. Утврдени се измените на Законот за додадена вредност, потоа текстот на Законот за Солидарност и измените на законот за добивка.
Утврден е текстот на Предлогот на закон за измена и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, со кој во делот на даночните стапки, се врши ревидирање на примената на повластена стапка, односно се врши намалување на стапката од 18% на 5% за прометот со менструални производи. Оваа измена како што појаснуваат од Владата е да се поттикне за поголема заштита и хигиена кај девојчињата и жените.
Со измените се намалува даночната стапка за дигиталните учебници, се зголемува стапката на ДДВ од 5% на 10% на производи за човечка исхрана коишто не се дел од основните производи потребни за човечка исхрана, се зголемува даночната стапка за прометот и увозот на пелети, печки на пелети и котли на пелети од повластена даночна 5% на редовната стапка од 18%.
„Во прометот на станбени згради и станови, односно продажбата на недвижности, одложена е примената на општата даночна стапка, којашто е задолжителна за овој промет со пристапувањето на Република Северна Македонија во Европската Унија“, појануваат од Владата.
Од Владата информираат дека е усвоен и текстот на Предлог на закон за данокот на солидарност, со кој треба секој да учествува во намирувањето на јавните расходи, во согласност со своите економски можности и на солидарен начин да придонесе за ублажување на последиците од ценовната и енергетската криза, при што е земена предвид европска регулатива.
„Со него се предвидува воведување данок за солидарност за 2023 година како еднократна, вонредна и привремена јавна давачка, при што обврзник за плаќање на овој вид на данок е обврзникот на данокот на добивка согласно Законот за данокот на добивка, кој во 2022 година остварил вкупен приход поголем од 615.000.000 денари“, појаснуваат од Владата
Според Владата овој данок е дел од европската регулатива усвоени лани во октомври за ублажување на последиците од енергетската и економската криза.
„Воведувањето на данокот за солидарност е од општ интерес за сите граѓани и се базира на начелата на правичност, еднаквост и пропорционалност“, соопшти Владата.
Со измените на Законот за данокот на добивка, кои ги усвои Владата се усогласување со препораките од Европската Комисија и од меѓународните финансиски институции.
„Со законските решенија се намалува административниот товар на даночните обврзници и на Управата за јавни приходи, се проширува даночната база, преку таргетирање на даночните ослободувања и олеснувања во постојниот систем на данокот на добивка“, соопшти Владата.