Даниловски со анализа: Како може да го спроведеме „шведското сценарио“

by fokus

Епидемиологот Драган Даниловски во анализа за „Фокус“ дава детално објаснување како Македонија може да го спроведе таканареченото „шведско сценарио“.

На прашањето дали вирусот е доволно ослабен за да може да се премине кон градење колективен имунитет, тој вели дека веќе емпириски е докажано дека вирусот, наспроти високата заразност, предизвикува полесна клиничка слика. Доказ за тоа е што немаме нагол пораст на хоспитализираните болни, а и смртноста е ниска. Полека таа ќе се приближи на нивото на сезонскиот грип.

Во принцип, ова се добри предуслови да се примени „шведското“ сценарио – или сценариото на декларацијата на Great Barrington, која се залага за „фокусирана заштита“ на оние кои се најзагрозени (старите изнемоштени лица, хронично болните), а сите прележани и вакцинирани да се изложат на вирусот. Со тоа би се постигнало во краток период да се постигне високо ниво на колективен имунитет, вели доктор Даниловски.

Тој додава дека тоа ќе го минимизира ризикот вирусот да мутира, а истовремено, нема да се дозволи стекнатиот имунитет да избледи, заради што заштитата од заразување би се приближила до сто проценти.

А тоа ќе значи потиснување на ширењето на вирусот. И негово битисување на ниво на спорадични случаи – форма на егзистирање на обичната настинка и најчесто, сезонскиот грип – кое е пониско од нивото на ендемија, вели Даниловски.

Сепак, тој објаснува дека за да се игра „шведското сценарио“, потребни се и одредени предуслов. Во спротивно, тоа би претставувало неодговорен и дилетантски потег!

Кои се тие предуслови? Во продолжение условите и анализата на докторот Даниловски:

А. Интензивна комуникација на надлежните со граѓаните, за објаснување на стратегијата.
Б. Организирање на „заднинско санитетско обезбедување“! Што значи тоа? Тоа значи:
  1. Процена на капацитетите на болничкото сместување – максимален расположлив број на постели и потребен здравствен кадар;
  2. Формирање на ковид-амбуланти во секоја општина, во кои би се јавувале сите граѓани кои имаат респираторни симптоми за преглед и тријажа. Тие веќе да не се јавуваат кај своите матични лекари! Со тоа би се релаксирал притисокот врз нив, зашто веќе се бележат просечно по сто и повеќе посети кај еден матичен доктор! На тој начин, би се овозможило нивно непречено функционирање и за граѓани со друга, хронична патологија. И би се отстраниле ризиците тие да бидат изложени на заразување од ковид.

Ова да биде приоритетна задача на новиот тим во Министерството во здравство!

В. Ако се задоволат условите под А и Б, да се препорача:
  1. Укинување на сертификатите за вакцинираност и прележување, кои се сосема бесмислени, кога веќе знаеме дека вирусот „не го признава“ ниту имунитетот од прележување, ниту од вакцинирање;
  2. Укинување на маските во затворен простор;
  3. Укинување на тестирањето на сите што ќе пројават респираторни симптоми, освен на оние кои ќе бидат хоспитализирни;
  4. Укинување на изолацијата за позитивните на ковид, освен за здравствените работници од пет дена.
  5. Да се заштитат ризичните групи, додека не помине „облакот“. Како? Ако е невозможна нивна целосна физичка изолација, членовите на нивните семејства да комуницираат со нив со маски и со одржување на растојание. Да се инсистира тие да бидат вакцинирани со три дози на вакцини.
Инсистирам, ова не е повик сите неконтролирано да се испозаразиме, по секоја цена.
Ова е можен пат за конечно и елегантно завршување на ковид-приказната во Македонија, заснован на логиката на епидемиолошката наука!
Ако горните предуслови не е можно да се обезбедат, „шведското“ сценарио е неприфатливо и неизводливо!

Во тој случај, не ни преостанува ништо друго освен да се препуштиме на природниот тек на епидемискиот процес. И да се потпреме на личната свест и совест. Сами да си процениме дали е прифатливо – ако сме невакцинирани или непрележани – да се однесуваме безгрижно – и да си го ризикуваме животот (омикрон е поблаг, ама сѐ уште може да биде опасен за оние без имунолошка заштита); дали ни е прифатливо да ги изложиме своите ризични членови на семејството на ризик да настрадаат…

Од нас зависи!, порачува доктор Даниловски.

 

Катерина Смилева Божиновска

Поврзани новости