Даниловски: Протоколи нема, тие треба да бидат на ниво на подзаконски акти!

by fokus

Епидемиологот Драган Даниловски попладнево реагираше на изјавата на министерот за здравствo, Беким Сали кој рече дека тој дава несериозни изјави опасни за општеството.

Едно нешто ме чуди. Како е возможен ваков дијаметрално различен став? Професорот Даниловски до само пред некој ден, како „угледен“ експерт,  беше пожелен и поканет член во Комисијата за заразни болести или во тимот на советници, но наеднаш, преку ноќ се обвинува како доктор „кој не е спремен да се справи со реалноста“ и дава „несериозни изјави опасни за општеството“!? Не сум бил спремен да се справам со реалноста!?
Јас – токму затоа што ја согледувам реалноста – со име и презиме (а не затскриен и покриен зад било какво тело, комисија, колективитет, партија), две години – волонтерски –  се трудам да помогнам да се оптимизира курсот на мерките против пандемијава!, вели Даниловски.

Тој вели дека нема експерт во епидемиологијата што може да противречи на ноторниот факт дека не е испочитуван член 27, став 1 на Законот за здравствена заштита, кој гласи:

„Член 27

(1) Здравствената дејност во здравствените установи од страна на здравствените работници и здравствените соработници задолжително се врши согласно со стручни упатства за медицина заснована на докази кои согласно со современата светска медицинска практика, ги пропишува министерот за здравство.“

Зошто? Затоа што такво упатство не постои во форма на подзаконски акт! Тоа е видливо од самиот сајт на Министерството за здравство, во делот „Инфектологија“, каде што се гледа дека не постои Упатство за КОВИД-19!
Оттаму, секое тврдење дека протокол (упатство) постои, можеби се однесува само на некаков интерен протокол, кој не ги обврзува здравствените установи да го применуваат!
Клиниката за инфективни болести направила протокол? Во ред! Се почитува ли тој протокол од страна на сите здравствени установи во државата? Не! Зошто? Затоа што немаат сила на законска обврска!, објаснува Даниловски.

Тој прашува и дали има протокол за матичните лекари.

И нешто многу важно… Има ли протокол за третман на КОВИД-19 од страна на матичните доктори? Нема! (Нека кажат матичните доктори имаат ли протокол!) Значи, неопходно е да се изготви протокол и за амбулантски третман на болни од КОВИД-19! За да се почитуваат тие протоколи,  господине Министре, подигнете ги на ниво на законска обврска! Направете ги подзаконски акти! Имате ингеренции за тоа, препорачува Даниловски.

 

Поврзани новости