Авторите на индиската студија, која Нобеловецот Лук Монтање ја има спомнувано, го поставиле својот пишан труд на еден сајт за нерецензирани трудови (bioRxiv preprint repository), за набрзо да го симнат, откако коментаторите истакнале бројни грешки во нивната анализа. Она што Монтање го нарекол „елементи“ на ХИВ биле кратки елементи кои научниците ги откриле во геномот на корона вирусите во 2005 година.
Значи, ако тоа што го рекол Монтање е точно, тогаш целото семејство на корона вируси – кое потекнува од пред повеќе од 10.000 години – би морало да биде направено во лабораторија, што е очигледно бесмислено, вели епидемиологот проф. д-р Драган Даниловски во интервју за МИА.
„Рестриктивните мерки што ги воведовме беа неопходни за да се одложи ширењето на епидемијата и да се олесни притисокот врз здравствениот систем („израмнување на кривата“). Тие мерки овозможија да се купи драгоцено време за да се подготви здравствениот систем, да се обезбеди лична заштитна и лабораториска опрема, достапна терапија и опрема за инфектолошките оддели. Тие исто така доведоа до намалување на интензитетот на пренесување на вирусот. Врз основа на исполнетоста на болничките капацитети, како и врз основа на вредноста на репродукцискиот број на болеста, која се спушти под 1, може да се констатира дека мерките ја постигнаа целта. Епидемијата стивна. Засега“, вели Даниловски.