Треба да се спроведе комплетно затворање само за време на викенд, смета епидемиологот Драган Даниловски.
-Значи еден викенд 24/7 да се затвори општеството. Можеби не на територија на цела држава, туку само на тие подрачјата каде растот на заболени од Ковид-19 е најголем. Тоа значи буквално само продавниците за храна да работат и аптеките. Тоа може да го запре наглиот раст, оваа брзина на растење на бројките со цел да не дојде до колапс на здравствениот систем. Убеден сум дека бизнисите, угостителите ќе можат да издржат краткотрајно затворање. Сметам дека мерките треба да се дополнат со вакви краткотрајни затворања за време на викенд – рече Даниловски на Телма.
Тој посочи дека потребни се 520.000 дози вакцини за да се вакцинираат 257.000 луѓе.
– Оваа пресметка е ако претпоставките се некаде дека 46 проценти од населението е веќе имуно на Ковид-19. Симулацијата, односно оваа пресметка што ја спомнав, кажува дека речиси сме на прагот дека секој втор имал контакт со вирусот. Се разбира, врз основа на едни студии во Израел и во Катар, едната е на 12 илјади здравствени работници што прележале вирус, другата е на 40 илјади граѓани се покажа дека за 35 недели колку што ги следеле само 0,02 проценти заболеле, а добар дел од нив немале антитела, така што излегува дека и оној т.н. клеточен имунитет штити од повторна инфекција – рече Даниловски.