Даниел Димевски останува претседател на МОК

by Fokus

Даниел Димевски останува на чело на Македонскиот олимписки комитет и во следните четири години откако беше реизбран на редовно изборно Собрание, одржано вечерва во Скопје.

Димевски, кој беше единствен кандидат за претседател на МОК, доби поддршка од 45 од вкупно присутни 55 претставници на национални спортски федерации и членови на Собранието на МОК со право на глас. Против гласаа осум, а двајца делегати беа воздржани.

„Ова е вистинскиот МОК со сите свои бои и шаренила, со масовна присутност и ова е место каде ќе се креираат идните спортски одлуки“, истакна Димевски во своето обраќање до присутните.

Тој наведе дека е „плод на долгогодишно спортско искуство, голема визија и продолжение на отчетот од првиот мандат“.

Димевски рече дека подготвил „сеопфатна и амбициозна програма“, наведувајќи дека во фокусот ќе бидат инфраструктурни проекти, инвестиции во износ од 700.000 евра во тренерски обуки, како и подготовки за успешна организација на Младинските олимписки игри кои во 2025 година ќе се одржат во Скопје.

Поврзани новости