Поп пејачката Дани Димитровска ќе слави 20 години на естрадата со јубилеен концерт во Македонската Филхармонија, кој ќе се одржи на седми март, со почеток од 20.30 часот.
На настанот ќе бидат отпеани сите хитови кои ја одбележаа нејзината кариера, а на сцената ќе ја придружува филхармониски оркестар под диригентската палка на Бисера Чадловска.
,,Срца две”, ,,Најдобра до сега”, ,,Што до тогаш”, ,,Не живеам за другите” и многу други нумери кои оставија трага на домашната, но и регионална сцена ќе бидат изведени на концертот. Во меѓувреме, актуелна и новата балада ,,Време”, за која Дани вели дека е инспирирана од емотивната реалност, во која се поставува прашањето дали времето е единствениот лек за болката. За истата песна е снимен и спот.
-„Време“ е цел роман во кој се опишани десетици години… „Време“ е песна која останува за навек – вели пејачката, која периодов се подготвува за дружбата со публиката.
Дани за прв пат се појави на сцената на фестивалот Макфест во Штип, а потоа и на националниот избор за песна на Евровизија во 2000 година. Истата година го доби синот Лазар, по што направи пауза во кариерата, појаснувајќи дека смета како во првите години од животот на нејзиното дете треба да биде негова постојана и целосна поткрепа. Во 2005 година повторно се врати на сцената, и истата година со песната ,,Срца две” беше тогашниот единствен македонски изведувач кој влезе како број три во Топ 10 на 10 Adria Girl на MTV Adria. Во ноември 2017 година го промовираше последниот албум ,,Град за љубов”.
Вики Клинчарова