На стартот на денешното рочиште за случајот „Титаник“, адвокатот Димитар Дангов побара судот да го запре процесот, бидејќи шефицата на СЈО, Катица Јанева, била во притвор, а поради тоа останатите обвинители немале надлежност повеќе да ги застапуваат обвиненијата.
-Во овој момент општо познато е дека Катица Јанева е во притвор, како осомничена во „Рекет“. Постои опасност Јанева да стори друго кривично дело, бидејќи ова е еден од основите за кои и е одреден притвор. Затоа постои опасност Јанева да стори кривично дело и во овој кривичен предмет, односно постои страв да не го повтори делото, рече Дангов.
Тој истакна дека иако сите во судницата ја почитуваат, како што рече уважената обвинителка Лиле Стефанова, сепак таа не може повеќе да го застапува обвинието за „Титаник“.
-Јанева е единствено надлежна да го застапува секој кривичен предмет на СЈО, па поради тоа, со респект кон уважената обвинителка Лиле Стефанова, кон која сите во салата имаат голема почит, сепак морам да кажам дека истата нема право да го застапува предметот, поради притворот на Јанева. Нејзиното доаѓање го сметам како можност да види што ќе се случи. Уважената Стефанова не може да има повеќе права од Јанева и да го застапува обвинението, рече Дангов, кој побара од судот да ја прекине постапката.
В.В.