Данев обвини дека Собранието „штанца закони“, Џафери возврати: Ако се решите да излезете, не коментирам

by fokus 13:52
13:52

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев на почетокот на денешната собраниска седница рече дека повторно има „штанцање на закони“ и апелираше да се обезбеди парламентарно мнозинство од 61 пратеник и да се работи. Парламентарното мнозинство, како што рече, се однесува неодговорно кон Собранието и кон граѓаните кои им ја дале довербата.

Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери рече дека во салата има доволен број пратеници за да може да се работи. Тој укажа дека обврска на мнозинството и на опозицијата е да бидат на своите работни места.

– Ако се решите да излезете, тоа е веќе политика и не коментирам, рече Џафери.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев процедурално изрази надеж дека ќе се најдат сили сите заедно да придонесат за Собранието да работи непречено.

Пратениците на денешната седница ги донесоа измените и дополнувањата на повеќе закони, меѓу кои за санитарна и здравствена инспекција, за лековите и медицинските средства, за комплементарна и алтернативна медицина, за акредитација.

Собранието го донесе и Законот за финансиска поддршка на инвестициите.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев образложувајќи го законот рече дека тој ќе биде на задоволство на целокупната економија во Македонија.

Овој закон, како што рече, е плод на многу дискусии во државата, на повеќе анализи направени во државата, пред се од Светска банка, од стопанските комори, од Виенскиот економски институт и сите тие се земени предвид и се обидовме да направиме сет на мерки кои ќе бидат максимално транспарентни и поддржувачки за сите. Додаде дека овие мерки се поддржувачки подеднакво за домашни и за странски инвестоитори, кои со овој закон се изедначени.

Поврзани новости