Договорот што Македонија го направи со Грција за промена на уставното име и на идентитетот е современ геноцид на нашата правна држава и обид за негирање на реалноста, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев, на денешната парламентарна седница за предлог-законот за ратификација на договорот меѓу Скопје и Атина.
-Се работи за капитулански чин, за противуставен договор со кој се врши уставна измена, се навлегува во промена на идентитетот и се прави непоправлива и неповратна штета. Македонија влегува во процес од кој нема назад – рече Данев.
Според него, договорот е едностран, со обврски само за македонската страна, а не, како што рече, со меѓусебни права и обврски.
-Се наведува ново име на државата како резултат на билатерална спогодба под уцена, спротивно на повелбата за самоопределување – изјави тој.