Откако денеска се појави информација дека ЛДП планира да ги предолжи докторите Драган Данаиловски и Никола Пановски за членови на Комисијата за заразни болести, со реакција се јави и докторот Данаиловски.
Тој вели дека никој од ЛДП не разговарал со него за тоа дека планираат да го предложат за член.
-Дури и ако претпоставиме дека навистина од ЛДП имале намера да ме предложат, јавно изјавувам дека:
Не прифаќам било чиј предлог за членување во Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство. Овој мој став се темели на свесноста дека Комисијата за заразни болести никогаш не може автономно да функционира, колку и да се трудат членовите така да биде!
Зошто? Затоа што таа претставува само советодавно тело на Министерот за здравство. Таа нема ингеренции да носи извршни одлуки, туку само заклучоци, кои му ги предлага на Министерот. Тој може, ама не мора, да ги прифати. Крајната одлука е само негова и би требало да биде извршна.
Арно ама, ниту неговите одлуки во тек на пандемијава не се извршни. Треба да поминат на Кризен штаб при Владата – евентуално да се модифицираат (влијание на политика!) – и дури потоа формално да се прифатат од Владата, пишува Данаиловски на Фејсбук.
Тој додава дека за него е неприфатливо да ја жртвува својата автономија.
-Останувам со автономен, независен статус како досега – член на универзитетската заедница – и продолжувам да функционирам волонтерски во врска со сѐ што значи стручна помош секому што ќе ми се обрати: Комисијата за заразни болести, Министерството за здравство – но, пред сѐ, граѓаните, вели доктор Данаиловски.
Тој имаше забелешка за авторот на текстот во кој се тврди дека ЛДП го предлага за член на Комисијата, бидејќи, како што напиша, во цитираната изјава од партијата не се споменуваат имиња.