Данаиловски: Мијазмата во Скопје ќе испари, но зошто надлежните молчеа за здравјето на луѓето

by Fokus

Епидемиологот проф д-р Драган Данаиловски јавно прашува зошто никој од надлежните не се огласил со ниту еден збор, макар и со совет за граѓаните како да го заштитат своето здравје изминатите денови, кога Скопје се давеше во ѓубре. Тој на својот фејсбук профил вели дека за него е нејасно зошто надлежните молчеа, кога на Скопје му се случуваше „мијазма“ во 21 век.

Тој вели дека токму кога пандемијата на Ковид-19 сѐ повеќе почна да се повлекува од свесниот видокруг на нашето секојдневие, наеднаш, метрополата, пред три дена, осамна затрупана во ѓубре по улиците, среде лето – небаре е некој средновековен град, кога граѓаните едноставно си го истурале ѓубрето под пенџери.

„И под пеколното сонце, почна реа од распаднати органски материи да се шири низ градот, неумоливо продирајќи во секоја пора на градот. И во секоја клетка на сѐ што е живо… „мијазма“ во 21 век!“, пишува д-р Данаиловски.

Понатаму тој вели дедка светот, кој е надвор од нашиов средновековен меур,  крши копја околу придобивките и ризиците од вештачката интелигенција, испитува можности за продолжување на човечкиот век, наспроти турбуленциите предизвикани од сурова војна среде Европа.

„А ние? Ние се занимаваме со ѓубре! Ќе рече некој… ова е спин-настан, намерно предизвикан да го сврти вниманието од други болни случувања кај нас…  Небитно е и сеедно е која е заднината. „Мијазмата“ е тука. Опиплива и смрдлива! Рај за мачки и кучиња скитници. И за роеви муви. И птици мршојадци. И за глувци и стаорци!Тие, најдени во неверување, наеднаш соочени со можност за гозба, го разнесуваат пленот наоколу. Заедно со причинители на опасни заразни болести… со несогледливи здравствени ризици за жителите на градот. Велат, „несреќата никогаш не доаѓа сама“. Ќе да е така.“, пишва професор д-р Данаиловски.

Тој понатаму пишува дека за среќа оваа најновата, срeдновековната состојба траеше само три дена, а не три години и дека сигурно постепено ќе стивнат турбуленциите.

„Мијазмата ќе испари… И ризиците по здравјето ќе избледат…Но, останува за мене нејасно: Зошто никој – ама баш никој – од надлежните институции не се огласи со ниту еден збор? Макар со куси препораки до граѓаните за заштита на своето здравје…“, заклучува д-р Данаиловски.

 

Поврзани новости