Епидемиологот Драган Даниловски кој секојдневно дава совети на граѓаните и ги соопштува своите ставови за текот на пандемијата јавно ги повика своите колеги од Комисијата за заразни болести и Комитетот за имунизација да се произнесат за научната нелогичност на владините мерки против последниот ковид бран, коишто веќе шести дел се на сила. Во продолжение ги пренесуваме сите негови прашања што ги упати до Комисијата и Комитетот.
Јавно ги молам колегите од Комисијата за заразни болести и Комитетот за имунизации да одговорат на следниве прашања:
1. Како и колку се заштитени тие што примиле само една доза на вакцина – или дури и вакцинираните со две дози, без да се знае колку им се антителата?
2. Зарем тие се позаштитени од оние што едвај извлекле жива глава, ама „имале несреќа“ да прележат ковид пред, да речеме, 46 дена?
3. Во кои студии е напишано дека имунитетот на прележаните трае токму 45 дена?
4. И зошто упорно се инсистира на две дози кај прележаните, кога последните студии недвосмислено покажуваат дека прележаните имаат посилен и подолготраен имунитет од вакцинираните (1) и дека заштитата на еден прележан ковид пациент, вакциниран само со една доза, е посилна, отколку заштитата со две дози кај непрележан?
5. Понатаму, зошто упорно не се соопштува колкав е бројот на прележани со повторни инфекции?
6. Колкумина прележани има меѓу хоспитализираните и починатите?
7. Колкав е бројот на вакцинирани со една и две дози меѓу нив?
8. Дали се знае после колку време од примената втора доза се имаат заразено инфицираните, хоспитализираните и починатите (барем приближно, нели).
Зошто, ако не се соопштуваат такви податоци, им се даваат „крилја“ на противниците на вакцините (Аха, ете, вакцините не штитат).
9. И уште нешто! Зошто упорно – тие, комисиите – не предложат донесување на протокол за лекување на ковид инфекции и болни? Пак ли ќе се соочуваме со епидемиска форма на ординирање антибиотици за чиста ковид инфекција на сите нивоа на здравствена заштита? Не научивме ли ништо во изминативе година и кусур? Свесни ли сме (сте) дека без протоколи непотребно се зголемува ризикот од неповолни исходи – особено сега, кога Делта освојува сѐ поголем простор? Толку ли е тешко да се преведе протокол барем од некоја од соседните земји?
Зошто во врска со горниве прашања (пред сѐ, за протоколите) не излегуваат со став стручните асоцијации… и не само тие? Каде е Македонското лекарско друштво? Каде е Лекарската комора? Каде ми се колегите епидемиолози (секоја чест на колегата Сашо), инфектолози? Немате ништо да кажете?
Можно ли е нас, медицинската фела, да нѐ зафатила (веќе) општа апатија и индиферентност?