Дамева: Пресудата од Управниот суд не ја сметам за личен триумф, тука победи правдата, на мое големо изненадување

by Fokus

Со пресудата на Управниот суд не е затворен случајот со моето незаконско разрешување, вели ново-старата претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева, која очекува други надлежни институции да постапат во однос на незаконитоста.

Со пресудата на Управен, за која јавноста дозна на 29 декември 2023 година, беше поништена одлуката за разрешување на Дамева од 4 мај истата година.

„Морам да кажам дека пресудата од Управниот суд не ја сметам за личен триумф. Тоа е триумф, односно тука победи правдата, за мое, искрена да бидам, големо изненадување. Значи, сепак, не сите судии во нашата држава може да се смета дека одлуките ги носат пристрасно или од кои било други побуди. Судиите се одважија и ова го зборувам лично, бидејќи не смеам да го изразам овој став како претседател на Судски совет со оглед дека во таа постапка тужена странка, тужен орган беше Судскиот совет. Не сметам дека со ова е завршено сè бидејќи во однос на таа незаконитост мора да бидат преземени други дејствија, но за тоа се надлежни други институции“ – вели Дамева во интервју за „360 степени“.

Кога поднесе тужба пред Управниот суд за нејзиното разрешување, Дамева поднесе и кривична пријава до ОЈО Скопје за злоупотреба на службената положба и овластувања. Се уште нема јавнообвинителска одлука, рече таа во интервјуто.

„Бидејќи во тек е таа постапка, за да не ја осуетам, нема да се произнесам по однос на тоа, но ќе напоменам дека сите дејствија во таа кривична пријава се опишани, а обвинителот, односно Обвинителството, не е врзано ниту за правната квалификација ниту за пријавените сторители на кривични дела. Да не заборавиме дека Основното јавно обвинителство секогаш може да делува и по допрен глас“ – рече претседателката на Судскиот совет.

Прашана за тоа дали има сознанија за евентуална нова иницијатива за нејзино разрешување од истата група членови во Советот која ја разреши во мај минатата година, Дамева вели дека за такво нешто треба да има оправдани причини.

„Иницијатива за разрешување на кој било член на Судскиот совет, па дури и на претседателот на Судскиот совет, може да биде поднесена во кој било момент и тоа е апсолутно легитимно. Но, за тоа треба да постојат оправдани причини, докази, факти и да биде спроведено во законита постапка која, практично, претставува владеење на правото. Не може вие без каква било постапка да иницирате нешто, потоа да завршите и на крај оние последици коишто ги видовме да произлезат“ – изјави актуелната претседателка на Судскиот совет.

Во однос на тоа како работи Советот по нејзиното враќање на функцијата претседател, таа вели дека „атмосферата е прилично работна и има конструктивни дискусии“.

„Мојата лична перцепција е дека во моментов апсолутно сите членови работат, нема некои тензии во Судскиот совет“ – вели претседателката на Судскиот совет.

Весна Дамева беше разрешена во мај минатата година по иницијатива на тогашниот нејзин заменик Селим Адеми.

Со пресуда на Управниот суд таа одлука беше поништена и Дамева на 3 јануари годинава се врати на претседателското место во Судскиот совет.

Поврзани новости