Актуелната претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева се огласи попладнево со соопштение до јавноста по информациите објавени од пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, дека во Судскиот совет зад затворени врати се разговарало за продолжување на нејзиниот мандат.
Во него, таа вели дека согласно членот 8 став 2 од Законот за Судскиот совет, мандатот на претседателот на Советот трае две години, но, исто така, додава дека неспорен е фактот дека нејзиниот мандат бил прекинат од 26 април 2023 година, кога незакоски беше смената од функцијата, до 3 јануари 2024 година.
„Навистина изненадуваат толкувањата за некакво продолжување на мандатот надвор од утврдениот законски период од 2 години, при постоење на неспорен факт дека при извршување на истиот, постои прекин. Јавноста има право да знае за секоја донесена одлука на Судскиот совет, но во конкретниот случај, ниту е донесена одлука, ниту постои основ за донесување на истата бидејќи по истекот на мандатот на претседателот на Советот како точка на дневен ред задолжително како законски основ се констатира единствено престанок на мандатот“,вели Дамева во соопштението.
Таа додава дека сметала оти е потребно да се дефинира точниот датум до кој треба таа да биде на чело на Советот. Вели дека биле консултирани и правни експерти и еминетни стручни лица од областа на правото, кои само го потврдиле ставот на мнозинството дека мандатот „треба фактички да се извршува две години“.
„На јавноста ѝ е добро познато дека функцијата претседател на Судскиот совет фактички не ја извршував две години, па од почит према јавноста и Вас, новинарите сметав за потребно да известам за овие околности, пласирани од поединци, на кои очигледно им пречи претседавањето на Судскиот совет од моја страна. Ова особено од причина што во изминатиот период во Судскиот совет, по сите предмети се постапува брзо и ажурно, а Советот бележи исклучителни резултати во насока на подобрување на состојбата, со цел имплементација на препораките на Оценската мисија на ЕУ. Лично сметам дека на граѓаните воопшто не им е важно кој е претседател на Судскиот совет, кое е внатрешно, интерно прашање на Советот, но многу им е важно дали претседателот ја извршува својата работа совесно, стручно и согласно закон и дали се постапува навремено и законито во врска со иницираните предмети, претставки и барања за утврдување на одговорност“, наведува Дамева.
Нејзината реакција следи откако претходно денеска на Фејсбук пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, напиша дека Советот донел заклучок со кој сака да менува законска норма.